Доктор Никола Пановски: Треба да се вакцинираат барем по 5 илјади граѓани дневно

Израел излегува од корона битката како победник, зашто бројот на заразени во оваа земја падна драстично меѓу оние кои се вакцинираа. Успешната вакцинална програма може брзо да ја заузда пандемијата, како што покажаа студии од оваа земја, кои покажуваат дека бројот на хоспитализации и заразени меѓу вакцинираните почнал да опаѓа драматично, ефект што земјата го опишува како ,,магија”.

Колку вакцини се потребни за истата ,,магија”да се случи во Македонија, колку вакцинирани граѓани треба да има, кој треба да ги прими и во колкав временски период за да почне да се стабилизира пандемијата и да се оквалификува како завршена? Професорот на Медицинскиот факултет доктор Никола Пановски вели дека Македонија тешко ќе го постигне капацитетот на вакцинирани што го има постигнато Израел и дека потребно е наместо најавените 2.500 луѓе дневно, да се даваат вакцини на барем 5.000 луѓе дневно. Тој исто така рече дека не може да се избегне фактот што ќе има граѓани кои не сакаат да се вакцинираат.

– Треба да сме свесни дека има луѓе над 70 години кои не сакаат да се вакцинираат. Моите пресметки се дека со 2.500 вакцини дневно, ќе оди споро и со втората доза до септември би имале вакцинирано 250 илјади луѓе, главно здравствени работници и луѓе над 65 години, зависно од одзивот. Но, треба да се вакцинира со поголем интензитет, 2.500 дневно се малку. Ако го дуплираме бројот на дневни вакцинации на 5.000, тогаш до септември ќе имаме вакцинирано 450 илјади граѓани.А ако одиме со интензитетот од 2.500 вакцинирани дневно, тогаш ќе ни треба цела година за да дојдеме до 450 илјади вакцинирани граѓани. За пет дена Израел го направил тоа што ние би го направиле за година дена, рече тој за Слободен печат.

Во Израел вакцинацијата почна на 20 декември. До крајот на јануари 33 проценти од популацијата ја прими првата доза од фајзеровата вакцина, а 19 проценти од населението ја прими и втората доза од истата вакцина. Во моментот кога почна да се администрира оваа вакцина, земјата беше во третиот бран на ковид-19 со дуплирање на бројот на хоспитализирани и заболени. Иако Израел спроведе локдаун на 8 јануари, тоа не помогна. Ама вакцината, беше пресвртница! Вакцината во Израел ја примија над милион и двесте илјади лица над 60 години. Анализата покажа дека од оваа возрасна група бројот на заразени по вакцинација се намалил за 28 проценти, само 13 дена по првата доза. А процентот на заразени по втората примена доза паднал за 80 проценти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот