Виктор Орбан / Фото: EPA-EFE/OLIVIER MATTHYS

Скандали го „тресат“ Орбан пред изборот на нов парлaмент, пишува Дојче Веле

На Унгарија не ѝ се непознати исклучително остри изборни кампањи. Виктор Орбан веќе со децении, без разлика дали е на власт или во опозиција, применува ист образец: со месеци пред изборите води кампањи во кои порачува дека опстанокот на унгарската нација е доведен во прашање, пишува Дојче Веле во своја анализа.

Според анализата, во тие кампањи се претставува како „единствениот што може да ја спаси Унгарија и нејзиниот народ од злото и заканите на непријателите на земјата“.

Унгарија на 12 април треба да избере нов парламент, а, според Дојче Веле, овојпат кампањата е понегативна од кога било досега.

„Орбан, неговата влада и партијата Фидес немаат никаков проблем со парите на даночните обврзници да ја ‘прелепат’ земјата со илјадници и илјадници антиукраински плакати, да организираат ‘национална петиција’ против Европската унија и Украина и да ги преплават социјалните мрежи со лажни видеоснимки – генерирани со вештачка интелигенција – за опозицијата“, посочува аналитичарот Кено Ферсек.

Според него, сите тие снимки имаат нешто заедничко: шират бесмислици и измислици.

„Премиерот и неговиот тим во суштина тврдат дека, доколку Орбан ги загуби изборите, земјата ќе ја снајде војна, мобилизација на украинскиот фронт, како и поробување и масовно осиромашување поради зголемување на даноците од Брисел“, нагласува Ферсек.

Со оглед на ваквата екстремна кампања, Габор Торок – инаку прилично воздржан политички аналитичар – веќе зборува за „пропаѓање и слом“ на политичката култура.

Во анализата, понатаму, Дојче Вели пишува за можноста Орбан првпат од 2010 година да ја изгуби власта.

„Граѓаните, генерално гледано, се уморни од она што го доживуваат како корумпиран, арогантен и автократски систем на Виктор Орбан. Веќе со месеци Петер Маѓар и неговата опозициска партија Тиса јасно и убедливо водат во анкетите. Во исто време, премиерот и неговата влада се соочуваат со последиците од низа сопствени јавни скандали, кои би можеле да се опишат како ‘лаги и двојни аршини’“, анализира Ферсек.

Петер Маѓар: Која е тајната на успехот на противникот на Орбан?

Тој посочува и за скандали на насилство и сексуална злоупотреба на малолетници во една установа за малолетни престапници во Будимпешта. Нови детали, како што вели, излегуваат на виделина веќе со месеци.

Унгарија неодамна ја потресоа и откритијата за еколошките и здравствените ризици во фабриката за батерии на „Самсунг во местото Год, северно од Будимпешта.

Според истражувањето на унгарскиот портал Телекс.ху, работниците со години биле изложени на отровни честички од тешки метали, а таа прашина доспевала во воздухот, почвата и подземните води.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот