Доделување Орден за заслуги и Повелба на Република Северна Македонија

Орден / Фото: МИА

Претседателот Стево Пендаровски денеска на свечена церемонија во Филхармонија ќе ги одликува Милица Стојанова, Милка Ефтимова и Стојна Вангеловска со Орден за заслуги за Република Северна Македонија и ќе го додели признанието Повелба на Република Северна Македонија на Факултетот за Драмски уметности, на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” и на Националната установа Турски театар.

Милица Стојанова се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот фундаментален придонес во основачките процеси на македонскиот театар, како и за воспоставување иновативни методи, високи критериуми и за нивен развој во современото актерско мајсторство и за афирмација на македонскиот театар и на македонскиот филм на национално и на меѓународно ниво.

Милка Ефтимова се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзиниот исклучителен и траен придонес во развојот на оперското пеење, со што придонесе за афирмација на македонската оперска уметност на национално и на меѓународно ниво, како и за посветената и значајна педагошка активност.

Стојна Вангеловска се одликува со Орден за заслуги за Република Северна Македонија за нејзините постигнати највисоки резултати во кошарката на домашен и на меѓународен план како играч и како тренер, како исклучителен придонес во македонската кошарка и на македонскиот спорт, воопшто.

На Факултетот за Драмски уметности се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 50-годишното постоење и за суштински и траен придонес во развојот на театарската и на филмската уметност, како и на драмското творештво преку педагошка дејност и преку автономна и автохтона театарска и филмска едукација.

На Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки” се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 40-годишното постоење и за значаен и непроценлив придонес во развојот на македонската кинематографија и за нејзина афирмација во светски рамки, како и за афирмација и популаризација на филмската уметност низ нејзиниот најспецифичен сегмент — кинематографијата.

На Националната установа Турски театар се доделува признанието Повелба на Република Северна Македонија по повод 70-годишното постоење и за особени постигнувања на полето на театарската уметност и за нејзина афирмација и популаризација, како во земјата така и во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот