Додека НАТО се повлекува од Авганистан, се зголемува бројот на жртвите во борбите со талибанците

Фото: EPA/STRINGER

Борбите се водат во 26 од 34 провинции во Авганистан, со „шокантно голем број“ жртви, потврдија добро известени извори за репортерот на Ројтерс.

Повлекувањето на странските трупи од Авганистан е во тек, а во последните 24 часа најмалку 150 припадници на авганистанската армија беа убиени и ранети во големата офанзива на талибанците, соопштија денеска властите во Кабул.

Борбите се водат во 26 од 34 провинции во Авганистан, со „шокантно голем број“ жртви, потврдија добро известени извори за репортерот на Ројтерс.

Владата на Авганистан објави дека засилувањето на борбите за териториите се совпаѓа со забрзаното повлекување на американските сили, кое треба да заврши до 11 септември.

Денес, талибанците ја окупираа областа Шахрак во провинцијата Гор на западот на земјата и по тешки борби ги принудија единиците на авганистанската армија да се повлечат во околните села.

Во силна експлозија на автомобил-бомба во близина на седиштето на полицијата Кас Балк во провинцијата Балк, загинаа најмалку четири лица, а над 50 беа повредени, вклучувајќи цивили.

Талибанците извршија силен напад врз областа Кајзер во провинцијата Фаријаб, при што десетици припадници на армијата ги загубија животите.

Редовните авганистански вооружени сили започнаа операција насочена кон враќање на контролата врз областа Нерк во провинцијата Вардак, што е на помалку од еден час возење од Кабул.

Видео на денот