Добар ни е правецот, но слабо ни е темпото во чекорите за слободата на медиумите

фото: Слободен печат / Драган Митрески

Светскиот ден на слободата на медиумите 3 Мај, ја актуелизираше темата за професионалното и етичко новинарство во земјава. Напредокот на Македонија за цели 33 позиции на Светскиот индекс на слободата на печатот за една година од 90. на 57. место говори дека државата го подобрила демократскиот капацитет.

Домашните експерти комуниколози коментирајќи го најновиот извештај наРепортери без граници“ за „Слободен печат“ во сублимиран заклучок велат дека е за поздравување напредокот на земјава во однос на најновото рангирање на државите од светот според „Глобалниот индекс за слобода на медиумите“.

Тие во исто време појаснуваат дека мора да се забрза темпото во чекорите за подобрување на слободата во медиумскиот простор и професионализацијата на јавните гласила.

Фото : LinkedIn – Проф. Викторија Кафеџиска

Професорката по комуникологија од Меѓународниот балкански универзитет Викторија Кафеџиска вели дека сегашната слобода на говор во која живееме не смее да не залажува. Според неа се уште постојат слабости на кои како држава треба да работиме.

– Секако напредокот како земја која цели кон целосна демократизација на општеството во сите сегменти е за поздравување. Имајќи го предвид фактот што на листата сме се искачиле за 33 позиции од минатата година, говори дека напорите за зајакнување на демократијата профункционирале – вели професорката Кафеџиска.

Таа додава дека медиумите треба да се издигнат на критериум кој го бара ЕУ за земјите аспиранти слични на Македонија.

– Она што ме загрижува е состојбата во јавниот дифузен сервис кој впрочем во извештајот е посочен како проблематичен, односно како дел на кој треба да се работи со цел да се достигне вистинско професионално известување. За жал, неговото реформирање остана подзаборавено од власите, а доколку сакаме влез во ЕУ, овој проблем ќе биде можеби и првиот за кој сериозно ќе се дискутира во пристапните преговори со Унијата, независно кога и да отпочнат тие – додава Кафеџиска.

Новинарите и медиумските куќу во земјава треба да продолжат да известуваат неутрално и професионално почитувајќи ги западните вредности и норми при работата, нагласува професорката.

Бојан Кордалов, комуниколог

Бојан Кордалов, комуниколог и специјалист за односи со јавноста е со став дека заслугата за напредокот на земјава во состојбите на медиумите не треба да се препишува на политичките чинители, туку според него, тоа е заслуга на општеството.

– Секој од нас, особено политичките чинители, треба да се радуваат на секој успех на Македонија. Бидејќи секогаш кога напредува земјата тоа не е заслуга само на актуелната власт, туку на секој од нас. Но, спротивната пракса е за жал одлика и порано и денес. Потсетувам дека и во минатото, кога беа актуелни позитивни рангирања во економијата, се случуваше истото што и денес – вели Кордалов.

Тој нагласува дека зрели политички чинители мора да знаат да читаат меѓу редови и да се обединат околу препораките и критиките во ваквите извештаи со цел истите брзо да се отстранат во интерес на сите граѓани.

Синиша Пекевски, Фото: Архива

Во својот осврт за новото рангирање за слободата на медиумиуте, комуникологот и политички аналитичар Синиша Пекевски за „Слободен печат“ коментира дека слабата регулација во медиумскиот простор, особено на Интернет, во земјава создава услови за манипулација и ширење на лажни вести.

– Бројот на медиуми во Македонија значително се намалува (печатени) а се зголемува бројот на онлајн медиумите кои се под директна контрола на политичките партии или бизнисмени блиски на нив. Потребна е зголемена регулација на медиумите во Македонија во делот на онлајн просторот и нивно регулирање со што можноста за манипулација и создавање на лажни вести ќе се надмине. Се уште има многу простор за подобрување доколку се сака да се подобри сликата за јавните гласила. Во исто време, сакам да додадам дека влијанието на медиумите кон политичките чинители е многу мало и скоро никакво во насока на носењето на правилни одлуки за општестовото – резимира Пекевски.

Репортери без граници: Скок на Македонија за 33 места во Светскиот индекс на слободата на печатот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот