Репортери без граници: Скок на Македонија за 33 места во Светскиот индекс на слободата на печатот

камери медиуми / фото: ,,Слободен печат'' - Драган Митрески

Македонија годинава е на 57 место на Светскиот индекс за слободата на медиумите на Репортери без граници, со што забележа скок од 33 места од 2021. Репортери без граници годинава има нова методологија за пресметка на Индексот, која ја дефинира слободата на медиумите како „ефективна можност за новинарите, како поединци и како групи, да избираат, произведуваат и дистрибуираат вести и информации од јавен интерес, независно од политички, економски, правни и социјални мешања и без закани за нивната физичка и ментална безбедност“. Со цел да се одрази сложеноста на слободата на медиумите, сега се користат пет нови индикатори за да се состави Индексот: политички контекст, правна рамка, економски контекст, социокултурен контекст, и безбедноста.

Состојбата во Македонија според овие 5 индикатори е задоволителна за правната рамка, за социокултурниот контекст и за безбедноста, проблематична е за политичкиот контекст, а тешка за економскиот контекст.

Во резимето за Македонија се вели:

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, раширените дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади.

За политичкиот контекст се укажува дека транспарентноста не институциите е слаба и дека поради силната политичка поларизација врз медиумите има притисок од властите, политичарите и бизисмените, а двете најголеми партии (на власт и во опозиција) креирале паралелни медиумски ситеми со кои го вршат своето политичко и економско влијание.

За економскиот контекст се вели:

„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, редакциите на некои од главните ТВ канали се изложени на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донаторите. Странските грантови засновани на проекти придонесуваат само за опстанок, но не и за понатамошен развој. Има тргување со влијанија помеѓу маркетиншките агенции и одредени медиумски куќи“.

Најголем напредок во регионот има Црна Гора за 41 место, Бугарија за 21, Косово за 17 и Србија за 14 места, а најголем пад Грција за 38, Албанија за 20, Словенија за 18 места.

Триото нордиски земји на врвот на индексот – Норвешка, Данска и Шведска – продолжува да служи како демократски модел каде има слобода на изразување, додека Молдавија (40 место) и Бугарија (91) се издвојуваат оваа година благодарение на промената на владата и надежта што ја донесе за подобрување на состојбата за новинарите дури иако олигарсите сè уште ги поседуваат или контролираат медиумите.

Добар ни е правецот, но слабо ни е темпото во чекорите за слободата на медиумите

 

Ковачевски: Ново рангирање на „Репортери без граници“ ја позиционира нашата држава меѓу најдобро оценетите во регионот

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот