До 20 август сите ученици ќе добијат свидетелства

Свидетелства за сите ученици во државата обезбеди Бирото за развој на образованието, ќе бидат доставени до 20 август, а датумот на доделување ќе го одредат училиштата или општината. Дипломи за завршено образование во јуни добија само учениците од деветто одделение и матурантите, бидејќи им беа потребни за уписи.

Образовните службите беа критикувани дека во училиштата нема свидетелства поради долгата процедура на јавна набавка за печатење педагошка евиденција. Средношколскиот сојуз обвини некои училишта во Тетово и во Прилеп дека прават бизнис од јавното образование, со тоа што на учениците им ги наплаќале свидетелствата, иако тие законски се бесплатни. Бирото реагираше дека свидетелствата се бесплатни за сите ученици и дека училиштата немаат право да наплатуваат за нив.

Една од новостите при реформскиот процес во образованието е и дека од септември во основното и во средното образование во употреба ќе бидат само електронските дневници, со што наставниците ќе бидат растоварени од обврската да водат двојна евиденција во воспитно-образовниот процес.

Во контекст на пандемијата, од Министерството за образование и наука неодамна изразија оптимизам дека новата учебна година ќе се одвива со физичко присуство, доколку се почитуваат протоколите. Ако има драстична промена во епидемиолошката слика, според МОН, не е исклучено сценариото со хибридна настава, а најмалку посакуваното, но сепак можно, е она во кое најголем дел од наставата би била онлајн.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот