ДЛУМ ќе ја реализира изложбата „Поместени граници“

Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) на 23 февруари, во 19 часот, ќе го отвори седмото издание на изложбата „Поместени граници“ во галерискиот простор во Дом на АРМ во Скопје.

Изложбата „Поместени граници“ е дел од Годишната програма на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Оваа година кураторскиот концепт на изложбата го постави Уметничкиот совет на ДЛУМ, а темата е со наслов „Каде е границата…?“.

– Поимот граница асоцира на некаков вид физичка, замислена, природнa, вистинска, политичка или емотивна барикада која означува крај, а воедно и почеток на нешто ново поразлично структурно, емотивно и концептуално. Сведоци сме дека границите низ историјата се раѓаат, го достигнуваат максимумот, полека го губат значењето и на крај исчезнуваат, а потоа повторно се создаваат нови граници, кои имаат за цел да означат почеток на нешто ново, дистанцирајќи се од концептот од „другата страна“.

Во уметноста границата во последно време го губи своето значење. Фактот што мултилатералниот и интердисциплинарен пристап на уметниците во конотација на техничката изведба и пристапот кон реализацијата и поставеноста на делата сѐ повеќе е присутен, ја проширува границата или оди отворено без неа. Низ самиот процес на поместување на границата, уметникот го поставува прашањето и поставува дилеми, постојат ли граници и „каде е границата?“ Дали ја чувствуваме? Дали доволно делуваме да ги срушиме границите? Нашата мисија како уметници е постојана – истакнуват од ДЛУМ.

На изложбата учествуваат 22 автори-членови на ДЛУМ и тоа: Марија Мицова Гацова, Јана Луловска, Татјана Миљовска, Ема Петрова, Борче Богоевски, Слободан Живковски, Иво Пецов, Шќипе Мехмети, Марија Чепишева, Златко Глигоров, Стефан Јакимовски, Ана Спасова, Петар Миљковиќ, Ангел Димовски Чауш, Ацо Таневски, Стефан Младеновски, Ѓорѓи Динев, Душан Георгиевски, Нела Јанковска, Златко Бојковски, Зулејха Зибери Али, Љупчо Бојаров.

Изложбата ќе биде поставена до 4 март, а се реализира со финасиска поддршка од Министерството за култура на РС Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот