Длабоките корени на блуз-музиката стануваат видливи на „Котон блуз фестивал“

Специјалниот гостин Мад Морганфилд настапи со музичари од Македонија / Фотографија: Зденко Петровски

Специјалниот гостин од Чикаго, Мад Морганфилд, најстар син на еден од најславните блуз имиња на сите времиња, Мади Вотерс, ја предводеше листата на учесници на годинашното 4. издание на „Котон блуз фестивал“.

Фестивалот се одржа на 24 и 25 мај во Младинскиот културен центар во Скопје и покажа дека блузот како музички жанр има пуштено длабоки корени во светската историја на музиката, но и дека слушателите на блузот се навистина посветени аудиофили.

Фестивалот беше отворен со соло настап на маестралниот гитарист Мухамед Ибрахими. Иако е тешко да се дефинира музичкиот феномен што Ибрахими го создаде, сепак во спојот на џез, ворлд и етно музиката можеа да се забележат и силни блуз-влијанија.

Мухамед Ибрахими / Фотографија: Зденко Петровски

На првата вечер настапија и „Троја бенд“, чиј специјален гостин на вечерта беше македонскиот гитарист Игор Атанасоски, попознат како Гуру Харе. Покрај блуз-стандардите, тие ја изведоа и една од најубавите македонски блуз-теми „Моја гитаро“.

Група „Троја“ со специјалниот гостин Гуру Харе / Фотографија: Зденко Петровски

Првата фестивалска вечер кулминираше со настапот на данското трио „Трејнмен блуз“, добитници на повеќе европски блуз-награди и познати по тоа што имаат современ пристап со соул зачин на изведба на блуз-музиката.

Настап на Ади Имери / Фотографија: Зденко Петровски

Гитаристот и мултиинструменталист, Ади Имери, ја отвори втората вечер на 25 мај. Тој настапи со соло-перформанс инспириран од американската госпел песна популаризирана од Блајнд Вили Џонсон (Blind Willie Johnson), кој го посветил животот на свирење госпел и блуз музика.

Фестивалот го затвори специјалниот гостин од Чикаго, Мад Морганфилд, со енергичен чикашки блуз звук, кој беше спој од неговиот авторски материјал со песни на неговиот култен татко Мади Вотерс. Членови на бендот што го придружуваше беа локалните музичари Никола Петровски (гитара), Сашо Ѓорѓевски (усна хармоника), Оливер Јосифовски (бас), Горан Попоски (тапани) и Филип Димишковски (клавијатури). Со заеднички сили приредија вистинско блуз-шоу во Младинскиот културен центар.

Мад Морганфилд на „Котон блуз фестивал“ / Фотографија: Зденко Петровски

Паралелно со музичката програма во текот на двете вечери се одржа и ликовна колонија во склоп на „Котон блуз фестивал“. Македонскиот ликовен и музички уметник Игор Станоевски заедно со уметниците Трајче Павлов, Боро Арсовски и Драган Милованов изработија ликовни дела со инспирација од блуз-музичарите што настапија на фестивалот.

Ликовното катче на „Котон блуз фестивал“ / Фотографија: Зденко Петровски

Посебен сегмент од фестивалот беше и презентацијата на рачно изработени акустични и електрични гитари. Мајсторот за рачна изработка на гитарите, Јани Павеза, покрај презентацијата одржа и предавање за начинот на кој ги изработува, а дел од гитарите беа употребени и во концертните настапи на музичарите на самиот фестивал.

Презентација на гитарите „Павеза“

Со успешното четврто издание „Котон блуз фестивал“ покажа тенденција на раст и ширење на хоризонтот на опфат на блуз-музиката, за радост и задоволство на посветената публика.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 180, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.5.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот