ДКСК: ДУИ добила донации поголеми од законскиот лимит, предметот ќе се проследи до ДЗР и Министерство за правда

ДУИ - штаб / Фото: „Слободен печат“ - Зоран Димовски

Политичката партија Демократска унија за интеграција (ДУИ) го прекршила Законот за финансирање на политичките партии. На денешната седница на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) беше констатирано дека ДУИ во 2022 година добила донации поголеми од оние што ги дозволува законот, а парите не се вратени веднаш или најдоцна од 15 дена од нивното донирање, туку во јули 2023 година. Предлогот што го отвори по сопствена иницијатива – за прекршување на Законот за финансирање политички партии, Антикорупциска комисија го затвора и ќе го проследи до Државниот завод за ревизија (ДЗР) и до Министерството за правда како надлежни за надзор и следење на финансирањето политички партии.

Шемши Салаи, член на ДКСК рече дека се работи за донација за ДУИ која била поголема од тоа што го дозволува законот, а предметот, рече, го отвориле по сопствена иницијатива врз основа на новинарско прашање.

Врз основа на извештаите што ги добиле од ДЗР, констатирано е прекршување на член 16 од Законот за финансирање политички партии, затоа што физичко лице има донирано повеќе отколку што е законски дозволено.

Според законот, износите на донациите се регулирани и партиите не смеат да примат повеќе од 60 просечни нето плати од правни лица и повеќе од 30 просечни плати во државава од физички лица.

Од ДУИ ги добиле бараните документи и потврда дека во меѓувреме и самите го констатирале надминатиот износ и донеле одлука средствата заедно со вирмани дека се вратени.

-Констатирале и дека од два правни субјекта добиле поголем износ и решиле да ги вратат во јули 2023, рече Салаи.

Сепак, повредата на член 16 од Закон за финансирање политички партии е направена затоа што парите не се вратени веднаш или најдоцна од 15 дена од нивното донирање. Поради тоа за овој предмет ДКСК ќе ги информира ДЗР и Министерството за правда.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот