Дивите трки најпопуларен „спорт“ во летниот перид во градот по Шара
Пролизгување со тркалата или популарно кажано чкрипење со гумите по главните булевари низ Тетово, нагли стартувања со голема бучава од возила со доградувани ауспуси, спуштена каросерија во облик на спортски возила. Ова е честа слика во тетовско особено во вечерните часови.
Граѓаните велат дека ваквото диво возење низ улиците го урива нивниот мир, но и безбедност.
„Тетово од една страна е како Лас Вегас со еден куп на казина и спортски обложувалници,а сега во овој период од годината улиците се пренаменија во патеки за возење, но во случајов на диво возење. Таман си заспал после 2 часот по полноќ оти и порано не можеш дека надвор и така е хаос и ете за неколку минути те разбудува чкрпиење на гуми и слично. Треба полицијата постојано да дежура и на лице место да ги казнува учесниците на ваквите диви трки, вели едне жител на Тетово.
Од Сообраќајната полиција, велат дека во овој период од годината кога се дојдени печалбарите има диви трки. Нивни екипи се постојано на терен и во рамки на нивните капацитети преземаат мерки.
„За да докажеш дека е дива трка е малку потешко и дополнително таква категорија нема во законот како дива трка. Во изминатиот период можам да кажам отприлика за две-три недели, имаме привремено задржано околу 32 возила кои се сомничат дека учествувале во тие диви трки и сите тие се упатени на вонреден технички преглед. Се здобиле со одредени казни околу техничка неисправност, а доколку понатаму утврдиме дека се работи за одредена бучава, значи имаме право да ги задржиме и до три месеци во полициска станица.Овие возила се одземени под сомнение за техничка неисправност, значи тие се возила што се преправани со сменета амортизација, спуштени возила, доградувани ауспуси, сето тоа што не е во законските норми.Но, обично ги одземаме во времетраење од 3 дена, додека не се изврши вонреден технички преглед и да се врати во првобитна состојба и за тие изрекуваме соодветна парична глоба, изјави Зоранчо Талев командир на РСБПС Тетово.
Обично собирно место на ваквите трки се бензиски пумпи каде возилата се групираат и потоа дивеат низ автопатите, но и буелварите низ полошко. Голем дел од учесниците на дивите трки се возила со странски регистарски таблички.