Дискусија на „Готен“ за книжевните преводи: Имаме мал пазар, а многу книги и издавачи

Јавната дискусија се одржа во кафе-книжарницата „Буква“ / Фотографија: Соња Ставрова

Издавачката куќа „Готен“ во рамките на проектот „Превод во движење“ на 27 јуни во „Буква“ организираше дискусија на тема „Од превод до книга – лавиринт со повеќе излези“.

Јавниот настан „Од превод до книга – лавиринт со повеќе излези“ беше дел од меѓународниот проект „Превод во движење“, кој опфаќа резиденции на книжевни преведувачи во Франција, Шведска, Велика Британија, Летонија, Црна Гора, Македонија, Бугарија, Албанија и Србија.

Целта на проектот е да се зголеми соработката меѓу книжевните преведувачи од земјите во кои се реализира и да се интензивира книжевната размена во земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Во рамки на преведувачките резиденции, преведувачите и преведувачките работат на конкретен книжевен превод, кој потоа ќе биде објавен во нивните земји.

Исто така, во рамки на проектот се организираат и работилници за книжевен превод, преку кои ќе се зајакнат капацитетите на преведувачите, а ќе биде изработена и мапа на резиденции за книжевни преведувачи во Европа.

На дискусијата за книжевниот превод, што се одржа во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, учествуваа Оливера Ќорвезироска, писателката, уредничка и лекторка, Ненад Стевовиќ, уредник и еден од сопствениците на издавачката куќа „Или-Или“, Билјана Црвенковска, писателка, уредничка и сопственичка на издавачката куќа „Чудна шума“, и Жарко Кујунџиски, писател, уредник и сопственик на издавачката куќа „Антолог“. Модератор на разговорот беше Владимир Јанковски, писател, уредник и преведувач, а настанот се одржа како дел од работилницата „Преводот како движење меѓу културите“.

Акцентот во дискусијата беше ставен на процесот на трансформацијата на преведениот текст во книга. Според Оливера Ќорвезироска одличен производ може да се добие од добар превод со добра лектура и уредување, но потсети дека живееме во Македонија и дека ризиците да се спојат сите добри работи се недобројни. Сепак, таа истакна дека најважно е првичното ниво на квалитет на преводот, а потоа и посочи дека проблем што често се појавува, особено кај помладите преведувачи, е што јазикот од кој преведуваат го владеат подобро од јазикот на кој преведуваат, односно сопствениот македонски јазик. Во однос на финалниот производ рече дека никој не може ничие место да завземе и затоа е потребно и преведувачот и лекторот и уредникот на книгата да ја завршат својата работа на максимално професионално ниво.

Писателката и уредничка Билјана Црвенковска, која со издавачката куќа „Чудна шума“ најмногу е фокусирана на преводот на литература за деца и младинци, објасни колку е важно да има што е можно повеќе квалитетни преводи, бидејќи на тој начин се отвора можноста да се создадат и повеќе млади читатели, но посочи и на сериозниот проблем што се појавува од отсуството на интерес за откуп од страна на библиотеките и училиштата на книгите кои не се поддржани од Министерството за култура.

Најголемиот број на книжевни преводи се поддржани од „Креативна Европа“ или од други странски фондови / Фотографија: Јуроп хаус Скопје

Издавачот Жарко Кујунџиски од „Антолог“ посочи дека годишно продуцираат околу 40 преводи на книги од странски автори, но за тоа најзаслужни се европските фондови и националните фондови на државите од кои доаѓа авторот чија книга ја преведуваат на македонски јазик. Во однос на домашната поддршка истакна дека е мала, недоволна и несоодветна, а затоа посериозно се фокусирале на барање поддршка од странските фондации.

Својот директен увид на македонскиот пазар на книги го образложи Ненад Стевовиќ од книжарницата „Или-Или“, кој посочи дека нема да открие ништо ново ако каже дека Македонија има многу мал пазар, кој е ограничен со границите на оваа земја, а од друга страна, гледано навнатре, има многу книги и многу издавачи. Тој посочи и дека нема логистика за толку голема продукција, бидејќи често се чувствува недостигот на доволен број квалитетни преведувачи, лектори и уредници за книгите што се објавуваат кај нас.

Во дискусијата беше направена и споредба на процесите што се случувале порано во однос на денешната продукција со заклучок дека некогаш книгите биле подготвувани многу потемелно и со многу поголема страст, додека во денешното време поголем акцент се става на самопромоцијата и маркетинг-алатките што ги применуваат одредени издавачи и автори.

Општа беше оценката дека како издавачи сите треба да се потрудат да најдат нова стратегија за продукција и продажба на книгите и дека добрите книги и автори треба да го најдат патот до читателите. Проектот „Превод во движење“ (Translation in motion) е финансиски поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 185, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 1-2.7.2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот