Директорот на Твитер: Одлуката за блокада на налогот на Трамп е опасен преседан, но е исправна

Фото: EPA-EFE/ANDREW GOMBERT

Извршниот директор на Твитер, Џек Дорси оцени дека забраната за американскиот претседател Доналд Трамп на таа социјална платформа по минатонеделното насилство во „Капитол“ е опасен преседан, но е „правилна одлука”.

– Преземањето вакви потези ја фрагментира јавната дебата. Тие нè разделуваат. Тие го ограничуваат потенцијалот за објаснување, искупување и учење. Но, тие создаваат преседан за кој сметам дека е опасен: моќта што ја има една индивидуа или корпорација над дел од глобалниот јавен разговор, рече Дорси.

Компанијата „Твитер“ минатата недела го отстрани профилот на Доналд Трамп од платформата поради ризик од натамошно насилство на приврзаниците на Трамп во „Капитол“.

Забраната предизвика критики кај некои републиканци дека со тоа е задушено правото за слобода на говор на претседателот. Германската канцеларка Ангела Меркел предупреди дека за потенцијалните ограничувања на слободата на говорот треба да одлучуваат законодавците, а не приватните компании.

Дорси додаде дека не е горд на забраната и оти таа претставува пораз во промовирањето на здрава комуникација.

Во текот на изминатите неколку години, „Твитер“ воведе мерки како што се ознаки, предупредувања и ограничувања на дистрибуцијата за да се намали потребата за целосно отстранување на одредена содржина од нивната социјална платформа. Дорси рече дека мерките можат да придонесат за плоден разговор и да го намалат влијанието на пораките врз лошото однесување

Покрај „Твитер“, беа суспендирани профилите на Трамп и на Фејсбук, на Јутјуб, на Снепчет и на Инстаграм, а Дорси коментираше дека овие поединечни потези на социјалните мрежи биле взаемно охрабрувани, но „не беа координирани”.

– На долг рок, преседанот ќе има деструктивен ефект врз благородната цел и идеалите за отворен Интернет, оцени извршниот директор на „Твитер“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот