Џо Бајден во зимата на закани и можности

epaselect epa08954623 US President Joe Biden signs executive order on Covid-19 during his first minutes in the Oval Office, in the White House, Washington, DC, USA, 20 January 2021, following his inauguration as 46th President of the United States of America. EPA-EFE/Doug Mills / POOL

Драматичните околности на пандемијата што ја загрозуваат демократијата ќе го обликуваат мандатот на 46-от американски претседател

Честопати се заборава дека Френклин Делано Рузвелт – најрадикалниот претседател на Америка во 20 век – многу негови врсници го сметаа за просечен. И Џо Бајден никогаш не се најде меѓу првенците во својата генерација.

Но, во своето инаугуративно претседателско обраќање, тој најави агенда како ниту еден друг претседател на САД од времето на ФДР до денес. Бајден ги наведе „каскадните кризи на нашата ера“ со кои планира да се соочи – беснеењето на пандемијата, опаѓањето на демократијата во САД, системскиот расизам, оштетениот углед на Америка во светот и „плачот за опстанокот што доаѓа од самата планета“. Која било од овие поединечни кризи би го збуниле претседателот и во нормални времиња. Но, 2021 година е време на концентрични кризи. Бајден избра да ги „нападне“ сите горенаведени работи одеднаш.

Ширината на амбицијата на Бајден ќе изненади многумина. Како доживотен умерен демократ, претпоставка е дека филозофијата на Бајден е конзервативна со мало „к“, со додавка од прогресивност со мало „п“. Но, политиката е секогаш раководена од околностите. Исто како што хиперамбициозните претседатели ја наметнуваат својата жед врз тие околности – сетете се на Бил Клинтон – другите доживуваат историски драми натрупани врз нивните претседателски „послужавници“. Најрадикалните промени во Америка почесто доаѓаа од политичкиот центар, одошто од левата или од десната страна на идеолошкиот хоризонт. Нејзините најдоследни претседатели – Џорџ Вашингтон, Абрахам Линколн и ФДР – сите беа водачи со умерен темперамент. Нивната вештина беше да ги привлечат другите кон своите агенди.

Американскиот претседател Џо Бајден и првата дама Џил Бајден позираат со своето семејство пред статуата на Абрахам Линколн за време на настанот „Прославувајќи ја Америка“ на Меморијалот во Линколн по инаугурацијата на Џозеф Бајден како 46-ти претседател на САД во Вашингтон/ 20 јануари 2021 година./Фото: EPA-EFE/JOSHUA ROBERTS / POOL

Бајден го наследи политичкиот виор. Има ли способност да ја искористи неговата енергија?

Неговото прво претседателско обраќање нема да се наметне како некој од најголемите инаугуративни говори во Америка. Но, тој го соопшти начинот на кој планира да ја унапреди својата агенда. Основното јадро е цивилизираноста. Во некое друго време, таквиот јазик на вриеж може да предизвика несвестица – особено бидејќи доаѓа од Бајден. Но, по нападот врз Капитол хил на 6 јануари – и фактот дека повеќе од една третина Американци сè уште веруваат дека тој е нелегитимен претседател – подадената рака за пријателство од Бајден може да биде и добро оружје. Многумина од левицата на Демократската партија бараат груба пресметка со републиканските активисти на трампизмот. Бајден може да посочи дека фактот што соодносот на силите е 50:50 во Сенатот, го лишува од таков можен луксуз. Неговиот прв инстинкт ќе биде да ги шармира, а не да ги посрами републиканците.

Сосема е можно таквите тактики да не успеат. Кратко време откако положи заклетва, Белата куќа на Бајден испрати предлог-закон до Конгресот со кој на 11 милиони илегални имигранти во Америка им се отвора патот до државјанство. Малку е веројатно дека тој законски предлог ќе помине. Републиканските сенатори проектот веднаш го означија како „амнестија“. За разлика од чисто буџетските предлог-закони, кои можат да бидат усвоени и со 51 глас – со гласот и на потпретседателката Камала Харис – за предлогот за легализација на имигрантите во Сенатот ќе бидат потребни 60 гласа за да стане закон. Истото важи и за плановите на Бајден да ги подобри изборните права во САД, кои сигурно ќе „липсаат“ во Сенатот. По четиригодишен одмор од фискалниот конзервативизам, пак, републиканците уште еднаш ќе заѕвонат на алармот заради зголемувањето на националниот долг на САД, што значи дека Бајден ќе се изнамачи за да го донесе својот предлог-закон за пандемијата вреден 1,9 трилиони американски долари.

Но, претседателот има еден голем адут што оди во негова корист. Мнозинството Американци, вклучително и многу републиканци, се воодушевени од тоа што му го видоа грбот на Доналд Трамп. Фактот што ниту еден значаен републиканец, вклучувајќи го дури и Мајк Пенс, потпретседателот во заминување, не беше таму за да му мавне за збогум на Трамп при заминувањето од Белата куќа или во воздухопловната база Ендрус, зборува многу. Трамп сè уште има многу лојална база од десетици милиони Американци. Но, тој го напушти Вашингтон како „одроден“ и како автор на сопственото уништувачко понижување. Единствените околности во кои тој најверојатно ќе се врати на сцената е да се брани во процесот за импичмент во Сенатот – или за некое друго правно сослушување. Неделава Мич Меконел, лидерот на републиканците во Сенатот, рече дека Трамп го „испровоцирал“ нападот врз демократијата во САД. Тоа сугерира дека не може да се исклучи осудителната пресуда за импичментот на Трамп во Сенатот. Патем, во својот инаугуративен говор, Бајден не го употреби зборот импичмент.

Често се вели дека американските претседатели се поинакви од нивните претходници. Јавноста реагира на начин што, за следен претседател, го бира опозитот на личноста на актуелниот претседател. Овој пат тоа е точно „на ангро“. Бајден е сè што не е Трамп. Според таквата логика, Бајден ќе биде здодевен претседател – без лични пресметки, без измислени лекови за коронавирус или повици за уривање на системот изречени од самата Бела куќа.

Сепак, сè зависи од тоа како ја дефинирате здодевноста. Во своето обраќање, Бајден ја скицираше „зимата на закани и значајна можност“ со која се соочува Америка. Во практика, првите 100 дена на Бајден може да се покажат навистина интересни.


Написот е објавен во викенд-изданието на Слободен печат. (23-24  јануари 2021) во прилогот СП. неделник. Текстот е преземен од Financial Times (ЛОНДОН) со претходна дозвола од издавачот.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот