Девет концерти во четири вечери ќе се одржат на „Котон блуз фестивал“
Шестото издание на „Котон блуз фестивал“, овојпат во четири вечери и со девет концертни настапи ќе се одржи од 21 до 27 ноември во „Roosty“ во Скопје.
Препорачано
Покрај деветте концерти во главната програма, на фестивалот има и придружна програма, арт-колонија (што се одржува по третпат), како и гитарска работилница со Павеза, кој последнава година беше на турнеја во Азија и Европа.
На фестивалот ќе се случат и три промоции на албуми на интересни македонски проекти од нашата блуз-сцена, која секогаш добива фестивалска поддршка, ќе настапи легендарен блуз-гитарист од Англија и американски добитник на Греми, кои се главните обележја на шестото издание на фестивалот.
Хамилтон Лумис (Hamilton Loomis) e добитник на Греми и настапувал на најдобрите блуз-фестивали низ светот. Друг концерт во регионов нема, што значи дека специјално доаѓа во Скопје за „Котон блуз фестивал“.
Норман Бикер (Norman Beaker) е легенда на британската блуз-сцена и член на „Блуз хол оф фејм“ (Blues Hall of Fame). Досега има настапувано со Б.Б. Кинг, Џек Брус, Крис Фарлоу, Алексис Корнер, Грахам Бонд, Ерик Бардон, Пол Џонс, Бади Гај, Јон Лорд, Чак Бери, Тони Ештон и многу други.
Тони Холидеј е познат на скопската блуз-публика и ова е вторпат што доаѓа во нашава земја. Тој доаѓа со негов бенд и ќе настапи со познати блуз-класици, како и материјал од неговите соло албуми.
Во концертната програма ќе настапат и „Рене сингс д блуз“, „Д Мол пак“ (The Mole Pack), Александар Пешевски, „Џони Кеш трибјут“, „Кросроуд блуз бенд“. Фестивалот ќе го отвори Иги Мен Квартет со еден специјален гостин – гитаристот Ади Имери, а концертот ќе се одржи на 21 ноември, со почеток во 21 часот.


