Дете со туберкулоза во Скопје не доби лек веднаш, туку со задоцнување

Дете со туберкулоза, не добило лек веднаш, иако му бил индициран од специјалист, објави на Фејсбук здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“.

До нас се обрати родител на малолетно дете со позитивен квантиферонски тест за туберкулоза, за кое, согласно официјален извештај издаден од ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза, постои јасна препорака за започнување на соодветна терапија. Сепак, при обраќање во институцијата, на родителот му било кажано дека во моментов нема достапна терапија и дека треба да чека, информираа оттаму.

Од Министерството за здравство велат дека терапијата е обезбедена, еден ден подоцна.

-Во однос на конкретниот пациент информираме дека терапијата е веќе обезбедена и согласно утврдената динамика тој ќе биде исконтактиран од Институтот за терапијата да му биде аплицирана, велат од Министерството за здравство на прашањата на „Слободен печат“ зошто терапијата ја немало веднаш, кој е надлежен да ја обезбеди и зошто имало застој.

Со сличен наратив беше и објавениот аларм од „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ од каде посочија дека постои сериозност на состојбата и ризик од прогресија на болеста. Кога од оваа невладина организација се обратиле кај матичниот лекар на детето, добиле јасен одговор дека терапијата треба да ја обезбеди и издава исклучиво ЈЗУ Институт за белодробни заболувања и туберкулоза и дека таа мора да биде достапна за пациентите.

Оттаму посочија дека кога првично се јавиле во Министерството за здравство им било укажано дека немаат конкретни информации за достапноста на терапијата. Кога пак стапиле во контакт со Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза добиле одговор дека „терапија нема и не се знае кога ќе има“.

Евидентно, еден ден подоцна, се успеало со набавка на лекот. Од граѓанската организација „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ прашуваат кој е одговорен за недостигот на оваа терапија, дали постои систем за навремена набавка на животоспасувачки лекови, кој и по кои критериуми добива приоритет кога терапијата е ограничена и дали институциите се свесни за ризикот од ширење на заразата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот