Десет пати повисоки казни за нефер трговски практики, за првпат казни и за добавувачите
Во време кога граѓаните се соочуваат со високи цени на прехранбените производи и зголемена неизвесност на пазарот, темата за нефер трговски практики повторно се најде во центарот на јавната дебата. Законот за забрана на нефер трговски практики, кој стапи во сила пред повеќе од една година, носеше очекувања за трајно намалување на цените и уредување на односите помеѓу дистрибутерите, трговците и добавувачите.
Препорачано
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, најави засилување на казнената политика за нефер трговските практики, со што глобите за прекршителите би се зголемиле и до десет пати. Во интервју за МИА, министерот откри дека се разгледува можноста, покрај трговците, санкции да има и за добавувачите, кои досега не беа опфатени со казнените одредби. Според Дурмиши, иако Законот за нефер трговски практики е во сила повеќе од една година, неговата примена не е целосна. Дел од трговците формално ги усогласиле договорите, но инспекциските контроли и натаму утврдуваат недозволени практики на пазарот.
-Цениме дека казните за ваквите однесувања на трговците не се големи, туку се мали. Затоа ќе имаме измени на Законот во наредниот период – ќе се зголемат казните десет пати за сите трговци што не го почитуваат Законот за нефер трговски практики. Ние посветено работиме да обезбедиме животен стандард за граѓаните, не може повеќе трговците да профитираат на грбот на граѓаните – вели Дурмиши.
Министерот посочува дека се размислува во казнената политика да се воведат глоби и за добавувачите. Според него, во пракса се случува, наместо да ги пријавуваат трговците што вршат притисок, одредени добавувачи да влегуваат во договори за зголемување на рабатите, што дополнително го нарушува правичното функционирањето на пазарот.
Во тек се подготовки на законските измени, а пред тие да бидат дефинирани и доставени во владина процедура, ќе се одржат средби со сите засегнати страни – дистрибутерите, трговците и производителите.
-Прво ќе ги известиме за да знаат со што ќе се соочуваат во наредниот период, а потоа измените ќе ги доставиме како предлог во владина процедура, па ќе одиме во Собрание. Можно е пред нивното усвојување да организираме и јавна дебата за да се приклучат сите засегнати страни – објасни министерот.
Според стари анализи и коментари на економски експерти, несоодветната примена на законот, како и недоволната подготвеност на институциите што треба да го спроведуваат, ја намалија неговата ефективност. Лани, експерти за „Слободен печат“ предупредуваа дека без соодветна имплементација, Законот за нефер практики не може преку ноќ да го смири пазарот и да го спречи зголемувањето на цените на основните производи.
Еден од најконтроверзните аспекти беше практиката со поврат на непродадени производи, која трговците ја користеа како средство за притисок врз добавувачите, што не беше дозволено според законските одредби. Според реагирања на самите трговци, голем број од спорните ситуации произлегувале токму од оваа пракса, што влијаело на трошочни структури во синџирот на снабдување.
Спроведувањето на казнениот режим е дел од пошироките напори да се намали ценовниот притисок на основните прехранбени производи и да се создаде пофер конкурентен пазар. Владината намера да ги заостри казните и да ги опфати сите инволвирани страни, вклучително и добавувачите, е оценeтa како клучна за подобрување на транспарентноста и законската дисциплина на пазарот.
Сепак, остануваат дилеми во јавноста дали оваа мерка ќе биде доволна без силен механизам за контрола и доследно спроведување, што е главниот предизвик и досега при примената на законските решенија. Со повратните реакции од стручната јавност и најавените законски измени, темата за нефер трговски практики продолжува да биде еден од клучните индикатори за тоа како економските политики ќе влијаат на животниот стандард и на цените на секојдневните стоки во државата.
Што уредува законот?
Со законските одредби се регулираат односите меѓу производителите, добавувачите, дистрибутерите и трговците, особено кога станува збор за договорите, роковите за плаќање и трговските услови. Законот предвидува задолжителни писмени договори меѓу страните, јасно дефинирани рокови за исплата, особено за свежи и лесно расипливи производи – како и забрана за еднострани измени на договорените услови. Законот вели дека доцнење со плаќање над законскиот рок, еднострано намалување на договорена цена, наплата на дополнителни трошоци што не се претходно договорени, откажување на нарачки во краток рок за расиплива стока и враќање на непродадени производи ако тоа не е експлицитно договорено, се сметаат за нефер практики.
Законот предвидува парични казни за прекршителите. Во зависност од тежината на прекршокот и големината на компанијата, глобите можат да достигнат десетици илјади евра. Дополнително, предвидени се санкции и за одговорните лица во правното лице. Надзорот над спроведувањето го врши Државниот пазарен инспекторат, кој има овластување да врши контроли и да изрекува прекршочни санкции. Во меѓувреме, од Министерството за економија најавија дека се разгледуваат измени со кои казните би се зголемиле и до десет пати, со цел поефикасно спроведување на законските одредби и спречување на злоупотребите на пазарот.


