Дерковски: Дел од приговорите на Левица беа копи-пејст од три реченици

Немаа воопшто докази, веројатно подносителите си имаат свои причини зошто ги поднеле на тој начин. Да поднесете приговор во кој што ќе напишете три реченици и во кој што ќе објасните некоја ситуација за повреда на избирачко право или повреда на постапка за сумирање на резултати, без било каков конкретен доказ, тоа нема да се случи, изјави претседателот на ДИК, Оливер Дерковски за емисијата „Топ тема“.

Според него, 1478-те приговори на партијата Левица биле отфрлени затоа што немало потпис.

-Не е битен печатот, треба само потпис како подносител на приговорите. Согласно изборниот законик тие беа неуредни и отфрлени. Другите 504 приговори беа со ист текст, направен копи-пејст од три реченици. Околу 20-тина пак беа приговор за избирачко место нула. И како после очекуваат ДИК да разгледува таков тип на приговори- смета Дерковски.

Тој напомена дека Левица може да си прави филибастеринг во Собрание, кога ќе бидат пратеници.

-Филибастеринг може да си прават во Собрание, кога ќе бидат како пратеници, ќе си држат говори, но овде е државна институција, каде се решава по приговори за повреда на изборачко право- рече Дерковски.

Тој потенцира дека во 61 приговор на Алијанса за Албанците и Алтернатива стои истото име на починат и истиот текст во образложението, вели Дерковски кој оценува дека тоа е несериозно однесување за една политичка партија.

-Политичките партии треба серизно да си ја сфатат работата и во иднина малку повеќе внимание да посветат на оваа постапка за да не се случуваат вакви работи, рече тој.

Потсети дека на претседателските избори имало целосни приговори поткрепени со докази со приложени засписници и доказен материјал по кои ДИК постапил и отварал гласачки кутии за да ги преброи гласовите во нив, но на овие избори немало ниту еден таков приговор.

Што се однесува до приговорите на ВМРО-ДПМНЕ за неважечките ливчиња, според кои граѓаните во текот на кампањата биле наведувани да го пречкртаат „Северна” на ливчињата за подоцна да бидат прогласени како неважечки, вели дека доколку имаат такви наводи тогаш треба да поднесат пријава до обвинителството.

Во врска со тврдењата дека е можно да се направат злоупотреби во делот на пренесување на податоците од записникот 16 во 21 Деркоски вели дека резултатите се утврдуваат од записник 16 каде се утврдил резултат ноќта по изборите. Тие записници и целиот материјал, потенцира, го доставуваат до ДИК.

– Ние како комисија еден по еден записник го гледаме и за нас тој е валиден документ и од таму се внесуваат резултати во записникот 21. Ако има несовпаѓање во 21 ја повикуваме ОИК да изврши корекција на збир на бројки, можни се пермутации во збир на бројки, но записникот 21 за нас не е битен. Битни се записниците број 16, рече Деркоски.

Појасни дека кога се составува овој записник се брои секое едно ливче од кутијата во присуство на Избирачкиот одбор. Ако има забелешки, вели, треба тие да се внесат уште тогаш, бидејќи секој од присутните мора да се потпишат на него.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот