Денови на Канада, Анета Антова-Пешева е нов почесен конзул во земјава

Фото: МИА

Канада е пријател и партнер на Северна Македонија. Нашите земји ги поврзува дијаспората, преку политичката соработка, бизнис-врските и културната поврзаност, изјави амбасадорката на Канада Кати Ксаба, на одбележувањето на Националниот ден на Канада што вечерва се одржа во Скопје.

Во рамки на свеченоста во Филхармонија беше претставен и новиот почесен конзул на Канада во нашата земја – Анета Антова-Пешева.

Среќни сме, рече амбасадорката Ксаба, што преку посветеноста и напорната работа на новиот почесен конзул Анета Пешева, Канада и Северна Македонија уште повеќе ќе ги зајакнуваат меѓусебните врски.

– Наскоро, заедно ќе бидеме членки на НАТО. Тоа е исклучителен успех благодарение на вашата напорна работа. Иако Канада не е земја членка на Европската Унија, ние ја гледаме вашата иднина во ЕУ. Знаеме дека ќе бидете таму. Нема да стигнете брзо, ниту лесно, туку со истата напорна работа што го овозможи досегашниот напредок на земјата – порача Ксаба.

На националниот попис, посочи Ксаба, над 44 илјади Канаѓани се изјасниле дека имаат македонско потекло и над 36 илјади дека имаат албанско потекло.

Новиот почесен конзул Анета Антова-Пешева, која е од бизнис и ИТ-секторот, изјави дека претставува голема чест и обврска да се биде почесен конзул на Канада и ќе се залага да ги пренесе сите позитивни практики од Канада во нашата земја.

– Имаме многу блиски и фамилијарни врски со Канада. Канада е многу голема држава и ако бидеме вистински партнер со неа навистина ќе има големи придобивки – изјави Пешева.

На настанот присуствуваа повеќе гости од домашната и меѓународната дипломатска, политичка, културна и бизнис-заедница.

Во рамки на одбележувањето на Канадските денови во нашата земја вечерва во Камерната сала на Филхармонија концерт гудачкиот квартет „Молинари” од Монтреал, во кој членуваат виолинистите Олга Ранзенхофен и Антоние Бареил, виолистот Фредерик Ламберт и виолончелистот Пјер-Алан Буврет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот