Денот после Маршот за ангелите во Кочани – полн со обвинувања за задушување на болката
Родителите на починатите деца во дискотеката „Пулс“ во врска со вчерашниот Марш на ангелите излегоа со реакција.
Препорачано
Во врска со вчерашниот Марш на ангелите, кој како родители со болка и љубов го организираме секоја сабота барајки ја вистинската и непристрасна правда за нашите деца, сакаме да ја известиме македонската јавност за следното: Вчера, полицијата не дозволи да влезат во градот возила од други градови, кои дојдоа за да ни дадат поддршка и заеднички да ја споделат нашата болка. По нашата реакција директно на началникот на ОВР Кочани (кој беше присутен на Плоштадот на слободата од каде стартуваме со Маршот) издејствувавме барем дел од луѓето да ги пуштат да влезат во Кочани (медиумите го имаат снимано сето ова). Со ваквиот чин, како да сакаат и солидарноста во тагата да ни ја забранат, да ни ја одземат единствената сила што ни остана – заедништвото и човечката поддршка. По една таква незамислива трагедија, кога изгубивме млади животи што можеа да бидат спасени, очекувавме барем почит, барем зрно совест и разбирање. Наместо тоа, добивме нова повреда и ново понижување. Ова е невиден срам, кој ќе остане запаметен како симбол на целосно отсуство на морал, емпатија и човечност. Со оваа постапка директно се нарушува уставно загарантираното право на слободно движење и правото на мирен марш – темелни демократски вредности кои треба да бидат заштитени, а не погазени. Нашите деца заслужуваат правда, нашата болка заслужува почит!, пишува во реакцијата.
Полицијата пак негираше дека се случила блокада и забрана за влез во Кочани.
На ниту еден граѓанин не му беше скратено правото да присуствува на вчерашниот протест во Кочани. Министерството за внатрешни работи ги демантира дезинформациите објавени во дел од порталите и на социјалните мрежи дека наводно полицијата вчера (16.08.2025) не дозволила влез на граѓани во Кочани, кои сакале да учествуваат на протестот „Маршот на ангелите”. Напротив, ниту еден граѓанин не беше спречен да влезе во Кочани. Со цел остварување на своите законски надлежности, меѓу кои и безбедно одвивање на протестот „Маршот на ангелите” на 15.08.2025 во Кочани, СВР Штип вршеше редовни контроли на сообраќајот (возила и возачи) на подрачјето на СВР Штип, вклучувајќи го и градот Кочани. Но, на ниту еден граѓанин на кој му беше извршена редовна сообраќајна контрола, не му беше скратено правото на слободно учество на протестот „Маршот на ангелите” и не е задржан повеќе од нормално потребното време за вршење на полициска контрола. Апелираме да не се шират дезинформации со кои се вознемируваат граѓаните, наведоа од МВР.
Политичката партија Левица обвини дека полицијата како што наведоа, ја гуши тагата наместо да носи правда.
Вчера, точно пет месеци по трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кога згаснаа 62 млади животи, полицијата под команда на министерот Тошковски и ВМРО-ДПМНЕ, наместо да обезбеди поддршка за семејствата кои секоја сабота маршираат барајќи правда за своите деца, се обиде да спречи граѓани од други општини да влезат во Кочани и за да им дадат поддршка. Овој скандал е срам за секоја земја што сака да се нарече демократска. Да се забранува заедништво во тагата и уставно загарантираното право на мирен протест е врв на безобѕирноста и бездушноста, наведоа оттаму.
За демантот на МВР наведоа дека според нив тој е класичен пример за манипулација и дрско извртување на вистината.
Родителите на загинатите деца јавно сведочат дека поддржувачи биле попречени да влезат во Кочани, а тоа го потврдуваат и видеоснимки достапни за јавноста. Наместо соочување со реалноста и спроведување на барањата на родителите, МВР се служи со празни формулации, надевајќи се дека ќе ја прикрие одговорноста. Но фактите се јасни – полицијата, по налог на власта, се стави во улога на цензор кој дури и солидарноста ја прогласува за непожелна! Ова е доказ за апсолутната нечувствителност и нулта емпатија на режимот на ВМРО-ДПМНЕ. Пет месеци по трагедијата, ниту една дивоградба не е урната, ниту една суштинска мерка за заштита на граѓаните, на младите не е преземена, ниту пак е понесена одговорност. Единственото нешто што власта го прави е контролирање на наративот и шиканирање на секој кој ќе изрази незадоволство и ќе побара правда, пишува во партиската реакција на Левица.
Оттаму ја обвинуваат власта за арогнатност и бруталност.
Потсетуваме дека премиерот Мицкоски отиде до таму што на родителите им побара цена за животите на нивните деца! Таквиот циничен однос само ја потврдува суштината на овој режим – власт која ја понижува болката, се обидува да ја избрише трагедијата од колективната меморија со цел никој од нивните редови да не сноси одговорност, а човечкиот живот го сведува на безвредна бројка. Владата на ВМРО-ДПМНЕ, наместо да извлече лекција од трагедијата и да постави нови, нормални стандарди за совест, одговорност и безбедност, продолжува со истата сурова ароганција и добропознатото „како до сега“. Со своето однесување ја демотивира младата генерација, сѐ повеќе ги тера да ја напуштаат државата и го поткопува секој основ за доверба во институциите. Општеството тоне во апатија, страв и безнадежност, додека власта се обидува да го одржи статус квото и да ги задржи фотелјите. Левица со целосен капацитет ќе продолжи да стои на страна на семејствата на загинатите деца и на нивната борба за вистинска и неселективна правда. Овој срам не смее да се заборави, а одговорност ќе мора да понесат сите, и политичка, институционална и морална, пишува во партиската реакција.


