Сто и две години од раѓањето на Љубе Петковски, мајсторот на камерата што ја испиша историјата на македонскиот филм
Денеска се навршуваат 102 години од раѓањето на доајенот на македонската филмска камера, Љубе Петковски, уметникот чиј визуелен ракопис остави неизбришлива трага во историјата на домашната кинематографија. Роден на 4 декември 1924 година во Скопје, Петковски уште по Втората светска војна зачекорил во светот на филмот како асистент на истакнати режисери од тогашните југословенски простори, Жорж Скригин, Вјекослав Африќ и Франце Штиглиц.
Препорачано
Професионалното усовршување го продолжил во Загреб и Париз, градејќи темели на кариера што подоцна ќе стане синоним за врвна филмска фотографија.
Како еден од основачите на Вардар филм, Петковски учествувал во создавањето на првите значајни документарни остварувања во Македонија. Со режисерот Кочо Недков ги реализирал „Техника на народот“ и „Памук“ (1950), а подоцна и „Средновековни фрески“ (1957). Во 1955 година зад неговата камера настанале и етнографските документарци „Галичка свадба“ и „Дервиши“ во режија на Ацо Петровски, како и „Ритам и звук“ на Трајче Попов.
Истата година, заедно со Бранко Михајловски, го снимил партизанскиот филм „Волчја ноќ“ во режија на Франце Штиглиц, вториот долгометражен игран филм на „Вардар филм“, по „Фросина“.
Посебно место во неговата кариера зазема документарецот „Скопје ‘63“ на Вељко Булаиќ, посветен на катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој во 1964 година ја освои наградата Златен лав во Венеција. Меѓу неговите најзначајни документарни дела е и „Тулгеш“ на Коле Манев, филм што сведочи за трагедијата на егејските Македонци по Граѓанската војна во Грција, награден со престижни признанија на фестивалот во Белград.
Петковски остави силен печат и во играниот филм. Тој стои зад камерата на „Мирно лето“ (1961), режисерскиот првенец на Димитрие Османли, како и на историските драми „Солунските атентатори“ и „До победата и по неа“ на Жика Митровиќ. Неговата визуелна естетика доаѓа до израз и во филмовите „Време без војна“ и „Време води“ на Бранко Гапо.
Врв на неговото творештво се филмовите на Кирил Ценевски, „Црно семе“, кој триумфирал на фестивалот во Пула и бил награден во Москва, како и историската драма „Јад“, за која Петковски ја добил „Златната арена“ за најдобра фотографија во 1975 година.
Како признание за неговиот животен придонес, во 1997 година на фестивалот Интернационален фестивал на филмската камера Браќа Манаки му беше доделена „Златна камера 300“ за животно дело, а во 2010 година и почесното признание „Златен објектив“.
Љубе Петковски почина на 16 февруари 2015 година во Скопје, но неговите кадри продолжуваат да живеат, како сведоштво за една епоха и како темел врз кој се гради современиот македонски филм.


