Деликатесен зачин: Капарите може да се користат маринирани и свежи

Иако мислите дека се плодови или зеленчук, сепак тоа се цветни пупки од дрвото бодликав капарис (capparis spinosa) што растe во регионот на Медитеранот. Денес се користат во кулинарството поради посебниот вкус што им го даваат на јадењата, а и многуте позитивни влијанија врз човечкото здравје.

Младите пупки од капари познати им се на луѓето од пред илјадници години, a името наводно им потекнува од грчкиот назив на островот Кипар (Кипрос), бидејќи во изобилство растат на овој остров. Има видови што растат на Кавказ и на Кримските карпи, бидејќи успеваат и на голи каменести предели.

Највкусните капари доаѓаат од островот Санторини, бидејќи почвата има висока содржина на вулканска пепел. Ситните пупки се сочни, со малку лутеникав вкус сличен на сенфот. Се берат кон крајот на април и мај, по што се чуваат три месеци во смеса од сол и маслиново масло. По преработката добиваат темнозелена боја, а можат да се користат и свежи.

Фото: Профимедиа

Обрнете внимание на бојата

Во 100 грама капари има 223 калории, 2,36 грама протеини, 4,8 грама јаглехидрати и 0,86 грама масти. Капарите се богати со витамини, влакна, органски киселини, од кои најмногу има витамин Ц, јод и натриум. Тајната за ова е дека при преработка не поминуваат низ процес со топлина, што дозволува во нив максимално да се сочуваат корисните состојки.

Капарите се деликатни за собирање, поради што постигнуваат висока продажна цена. Во кулинарството најмногу се ценети најситните капари, а за првокласни се сметаат оние од Јужна Франција, кои имаат јака арома и заситен вкус на лимон. Во свежа состојба капарите треба да се тврди, целосно затворени со темномаслинеста боја. По бербата добиваат кафеава боја, што се отстранува со преработка со посебен вид сол.

Ако капарите имаат црна боја или се омекнати и без вкус, тие се со лош квалитет и треба да ги фрлите. Собраните капари се сушат кратко на природна сончева светлина, пред да бидат ставени во маринада.

Кај нас најчесто се продаваат маринирани во мали теглички.

Фото: Профимедиа

Сите делови од растението се користат

Капарите во кулинарството се многу ценети и се користат за зачинување на многу јадења, пред сè за салати, сосови за разни меса, риба или тестенини. Маринираните капари можат да се консумираат и самостојно. Во некои делови од светот се користи и како туршија. Во Франција и во Англија се користат младите стебленца и листови од капарот во салати и за маринади.

Зрнцата капари со години се користат и како лек. Недостиг на апетит може лесно да се преброди со земање по неколку капари пред оброк. Се смета дека џвакањето капари помага при забоболка и како смирувачко средство при нервни напрегања. Есенцијата направена од капари може да помогне во брзо зараснување на раните, дури има и благотворно дејство при зајакнување на срцето. Есенцијата од коренот на билката се смета за добар аналгетик, а есенцијата од кората е добра при неврози. Освен при забоболка, капарите имаат позитивно влијание при болести на штитната жлезда, а маслото од семето на капарите се користи за масажи. Свежите делови од растението имаат докажано коагулативно, антисептичко и аналгетско дејство.

Сепак, консумирањето капари не се препорачува за луѓе со бубрежни проблеми како и проблеми со жолчката и со црниот дроб.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот