Благојче Наумоски пред дела од циклусот „Урбани трансформации“

Делата на изложбата „Урбани трансформации“ го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот

Изложбата „Урбани трансформации“ на Благојче Наумоски од 22 мај (четврток), во 19 часот, ќе биде отворена во Културно-информативниот центар во Скопје. Проектот „Урбани трансформации“ се фокусира на деконструкција на елементи од урбаните структури, каде што преку акрилната техника на платно се издвојуваат и интерпретираат геометриските форми и волумените што го дефинираат брутализмот.

– Моите дела го истражуваат архитектонскиот јазик на брутализмот преку апстрактна трансформација на просторот, материјалноста и волуменот. Со ова, се стремам да создадам визуелен јазик кој го доловува суровиот карактер на бруталистичката архитектура, притоа истакнувајќи ја моќта на геометријата и минимализмот во контекст на урбаните пејзажи.

Брутализмот претставува естетика која е и ригидна и динамична, парадокс на монументалното и човечкото. Тој со своите моќни, монолитни и често минималистички форми, нуди богат визуелен јазик за интерпретација, преку кој со своите необработени конкретни форми, неукрасена функционалност и импозантно присуство, долго време ја плени мојата имагинација.

Преку процесот на деконструкција на архитектонските елементи, ги изолирам основните геометриски форми – прави линии, агли, масивни волумени – кои потоа ги трансформирам во апстрактни композиции. Овие композиции не се директни репрезентации на згради, туку ја истражуваат материјалноста, просторот и волуменот во една нова визуелна димензија – објаснува авторот на изложбата.

Осврт кон циклусот „Урбани трансформации“ на Благојче Наумоски напиша проф. д-р Гордана Вренцоска, која посочува дека циклусот еклатантно ја потврдува способноста на еден уметник да ги реинтерпретира нештата што го опкружуваат преку единствена и кохерентна уметничка визија.

– Наумоски не го критикува брутализмот како правец, туку потсетува на негрижата на општеството и запоставувањето на овие градби во денешницата. Напротив, тој го слави и оживува ова урбано културно наследство, давајќи му можност за нова уметничка еволуција и егзистенција. Смелите колористички концепти и динамичните композиции на неговите дела содржат во себе призвук од минатото, трендовска актуелност на денешницата и антиципација на иднината: нѐ носат наназад до асамблажите од циклусот „Полски села“ на американскиот уметник Френк Стела, кој со иста обоена жар и апстрактен геометризам ги „оживуваше“ естетските и архитектонските елементи на уништените села и еврејски синагоги во Втората светска војна; нѐ освежуваат како бизарните графички композиции на популарната млада уметница и графичка дизајнерка во подем Лета Собиерајски; и суптилно нѐ предупредуваат на можната дистописка иднина во налетот на урбаната деструкција и „лудилото“ во име на „прогресот“ – напиша проф. д-р Гордана Вренцоска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот