Децата веќе не користат телефон за да се пожалат

Фото: Профимедиа

Иако СОС-линијата е за помош на млади и деца, на линијата се јавуваат единствено возрасни лица, кои укажуваат на проблемите на децата. Проблемот е што повиците преку телефонска линија не се најсоодветен комуникациски канал за децата во денешно време, велат од Првата детска амбасада во светот.

Семејните проблеми, насилството, особено лошите меѓусебни врски меѓу разделените родители, кои директно се одразуваат врз децата, и понатаму се главните причини за да се побара помош или совет на СОС-линијата на „Меѓаши“.

Првата детска амбасада во светот неодамна го објави во годишниот извештај за работата на СОС-линијата за млади и деца, во кој пишува дека во 2020 година најголемиот проблем со кој биле засегнати децата биле односите во семејството. На СОС-линијата работат постојан психолог-оператор, четири волонтери и координатор.

Јорданка Черепналкова-Трајкоска, координаторка на тимот волонтери што работат на СОС-линијата, за „Слободен печат“ посочи дека голем број родители ја искористиле пандемијата за што повеќе да го оддалечат детето од другиот родител.

– Првите пет проблеми со кои се соочуваат децата, секоја година се истите. Меѓутоа, она што отскокнува во 2020 година е дека проблемот што беше на трето место во претходната година со 12 отсто застапеност, а тоа се семејните односи, оваа година е на прво место со 27 отсто застапеност – вели Черепналкова-Трајкоска, која додаде дека секое дете ја чувствува кризата, но возрасните се тие што треба да најдат начин за двајцата родители да бидат блиски со детето.

Според Черепналкова-Трајковска, секој случај е различен и бара друг пристап. За примери од нивната секојдневна практика, како што вели, не е ниту законски ниту етички да се зборува.

– Многу зависи од случајот, некогаш и само разговор може да помогне, а некогаш е доволно да ги упатиме кои треба да бидат следните чекори или кон институции за поддршка и помош, со кои многу често соработуваме – вели таа.

Сепак, иако СОС-линијата е за помош на млади и деца, Черепналкова-Трајковска вели дека на линијата се јавуваат единствено возрасни лица, кои укажуваат на проблемите на децата. Според неа, проблемот е што повиците преку телефонска линија не се најсоодветен комуникациски канал за децата во денешно време.

Таа ни посочи пример за време на пандемијата. „Меѓаши“ објавиле две видеа, преку кои се информирало за контактот на СОС-линијата, односно преку маскотата Бушавко им се укажувало на децата како да го поминуваат времето и кои мерки да ги преземат за да се заштитат од коронавирусот. Черепналкова-Трајковска вели дека со второто видео повеќе допреле до младите, па имало и случај во кој дете се јавило да го пријави брат му дека не ги мие рацете.

Четвртина од повиците се за насилство

Во годишниот извештај на Првата детска амбасада, покрај проблемот со семејни односи, застапен со 27 отсто од сите јавувања, се наведува дека изминатата година како главни проблеми и натаму се евидентирани насилството со 25 отсто, пристапноста со 24 отсто и ментално здравје со 14 отсто.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот