Дебатата за законот за јавно обвинителство продолжува денес

Фото: Слободен печат/ Драган Митрески

Министерката за правда Рената Дескоска рече дека законот создава основи за градење силно, професионално, ефикасно и капацитетно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

Собраниската Комисија за европски прашања денеска ќе ја продолжи расправата за законите за Јавно обвинителство и за Советот на јавни обвинители.

Владејачкото мнозинство со поддршка за законот за јавно обвинителство, додека опозицијата побара тој да биде тргнат од дневен ред. Министерката за правда Рената Дескоска рече дека законот создава основи за градење силно, професионално, ефикасно и капацитетно Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.

– Целта беше да се зголемат професионалните стандарди во Јавното обвинителство, но и да се овозможат средства за тоа да си ги врши своите надлежности, рече таа.

Во овој закон се создадени услови кои се на некој начин гаранции на Обвинителството за организиран криминал и корупција, вели министерката, кое треба да ги гони евентуалните кривични дела на носители на висока власт, но и да ги продолжи делата, предметите кои  беа почнати од СЈО.

Дескоска рече дека една од тие гаранции е неможност јавниот обвинител, кој е државен обвинител, да одзема предмети од Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, освен во случаи кога има прекршување на законот од ова Јавно обвинителство. Значи, како што рече, не по сопствена проценка и не по сопствена волја, туку да има сигурна правна основа за какви било дејствија за преземање надлежности.

Според Дескоска, создадени се основи за финансиски гаранции на целокупното Јавно обвинителство. Министерката рече дека на предлог на една од пратеничките групи во Собранието, внесена е посебна постапка за избор на јавен обвинител за организиран криминал и корупција која, како што рече, досега не е позната во нашиот систем.

– Со оглед на значењето што ќе го има јавниот обвинител за гонење организиран криминал и корупција овојпат ќе се избира на непосредни избори од страна на јавните обвинители. Сите обвинители ќе гласаат за јавен обвинител за организиран криминал и корупција, а потоа тој што ќе добие најмногу гласови ќе биде именуван од страна на Советот на јавни обвинители. Претходно, Советот на јавни обвинители изготвува листа на лица кои се пријавиле на објавен, транспарентен конкурс, а кои ги исполнуваат условите, рече Дескоска. Додаде дека се зголемени критериумите за избор на јавни обвинители, а во Основните јавни обвинителства единствен влез имаат лица кои завршиле Академија за судии и јавни обвинители.

Дескоска информира дека континуитетот на предметите е задржан така што има јасна одредба дека сите постапки ќе продолжат. Што се однесува до спецификите на користење докази во постапката,  рече дека оваа одредба во член 110 треба да обезбеди континуитет.

-Во првите 18 месеци сите предмети што се почнати ќе продолжат, тие се во судска постапка, ќе продолжат со користење на прислушуваните материјали како докази. Оние предмети кои по 30 јуни 2017 се во судска постапка нема да ги користат снимките, но ќе ги користат како индиции. Со оглед на тоа дека ниеден предмет во суд не се заснова исклучиво на снимки, снимките се индиција каде да ги барате доказите. Без материјален доказ, само врз основа на прислушуван разговор немате засновање на судска одлука. Така овие одредби коишто се ставени во член 110 нема да значат дека ќе паднат предмети заради тоа што ова се предмети за кои се барани докази во државата, но исто така и преку меѓународно правна помош се собирани докази и од меѓународни, финансиски институции и слично, рече Дескоска.

Додаде дека сите материјални докази обезбедуваат гаранција за продолжување на кривичните постапки.

Со оглед на тоа дека едно од барањата на пратеничките групи беше да се одложи примената на законот, Дескоска посочи дека во последната одредба стои дека законот ќе влезе во сила и ќе се применува од 30 јуни 2020. Нивното барање беше дека, како што рече, не би сакале да се толкува или применува законот, практично дека е закон кој ќе влијае врз изборниот процес. Дескоска посочи дека го прифатиле овој аргумент и рече дека  одложувањето на примената на законот, ако даде сигурност на сите политички партии и субјекти дека тоа не е закон кој се носи во функција на изборнот процес, го прифативме овој амандман и затоа има одредба за одложена примена.

Пред усвојување на дневниот ред на седницата пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ процедурално  побара да се повлече законот за ЈО, бидејќи, како што рече, нема одлука од Влада за новиот коригиран текст на законот, но неговото барање не беше прифатено.

Поранешниот премиер и актуелен претседателот на СДСМ Зоран Заев изјави, пак, дека раководството на ВМРО-ДПМНЕ и пратеници од оваа партија вршат притисок врз други пратеници да не се гласа за законот за јавно обвинителство. Тој вели дека кога Владата го пратила во собраниска процедура тој имал збор од 80 пратеници дека ќе дадат поддршка, но оти оттогаш се случуваат притисоци и закани кон пратениците. Дали за законот ќе биде обезбедено двотретинско мнозинство, посочи Заев, ќе се знае кога ќе треба да се гласа за него.

-Раководството на ВМРО-ДПМНЕ, дел од нив и поранешни пратеници, генерално осомничени или веќе обвинети луѓе, вршат притисок врз пратениците. Имав збор од 80 пратеници дека ќе го поддржат и затоа законот беше пуштен. Имав збор, но тоа што се случува е вистинска драма, вели Заев.

Тој додаде дека притисокот што се врши врз пратениците е десетпати поголем од оној што се вршел за време на уставните измени.

ВМРО-ДПМНЕ возврати дека неуставниот закон за јавно обвинителство му е важен на Заев заради членот 110 преку кој се амнестира за сите сторени криминали.

„Со членот 110 став 1 од Законот за јавно обвинителство се предвидува сите незаконски снимени материјали да не може да служат за индиција врз која Обвинителството ќе може да отвори истрага, односно на овој начин Заев се обидува да се амнестира себе си и Катица Јанева, за да не може да важат за нив објавените снимки. Невиден апсурд е тоа што Заев го тврди во врска со тоа дека незаконски стекнатите материјали не можело да бидат сметани како докази и пред 30 септември. Тогаш зошто воопшто се става датумот во законот и зошто се креира правна несигурност и различни услови за лицата гонети пред 15-ти и после 15-ти септември 2019? Незаконските материјали или треба да важат за сите или не смее да важат за никого, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од опозициската партија наведуваат дека доколку имало каков било притисок врз кој било пратеник од страна на некој член на опозицијата, досега Русковска и Кацарска ќе го сместеа во притвор.

Државниот јавен обвинител Љубомир Јовески очекува да се донесе законот за јавно обвинителство, бидејќи како што вели, со него ќе се подобри работата на обивнителството и борбата со организираниот криминал.

-Јавното обвинителство не може да го заснова обвинението на незаконски прислушувани материјали, оваа одредба од предложениот законот за јавно обивнителство се однесува на истрагите преземени од СЈО, но не и за другите предмети како на пример „Рекет”, вели Јовески.

Во врска со предметите „Талир 1″ и „Талир 2″ кои се поднесени по рокот на 1 јули 2017 година, а се против ВМРО-ДПМНЕ и нејзини функционери, Јовески вели не сака сега да коментира за конкретни предмети пред да биде донесен законот.

Според државниот јавен обвинител, добар е и предлогот шефот на организиран криминал да се избира на непосредни избори од сите обвинителите, но за да се направат измени за избор на неговиот наследник односно за државниот обвинител Јовески вели мора да се интервенира во Уставот.

Тој, како што вели во изјава за Телма, не ги дели ставовите на експерите кои критикуваа дека местото на  доказите не им е во овој закон,  туку дека тоа се регулира со ЗКП. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот