Локални избори 2025 - Гордана Сиљановска Давкова / Фото: Методи Здравев, Слободен печат

Давкова: Сакам да го истакнам господинот Бујар Османи, тој се однесуваше фер и демократски за кампањата

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова укажа на, како што рече, „демократски парадокс“ во изборниот процес — гласањето на лица кои постојано живеат во странство, но доаѓаат во земјава за да ги изберат градоначалниците и советниците.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова оцени дека изборната кампања за локалните избори во Македонија во 2025 година, за разлика од некои претходни изборни процеси, била пристојна, со почит и со акцент на програмите и проектите, а не на лични напади.

„Кампањата мислам дека неочекувано, ако судиме според некои претходни инциденти, или, пак, сосема очекувано ако се водиме по фактот дека по 30 години демократија таква кампања треба да се очекува, беше релативно пристојна, со респект, ретко се соочувавме со напади ад хоминем, а се говореше за проекти,“ изјави таа.

„Бујар Османи се однесуваше фер и демократски“

Сепак, претседателката посочи дека и покрај тоа што имало поединечни инциденти, треба да се нагласат и позитивните примери на демократско и фер однесување.

„Но, имаше и инциденти. Сакам да го истакнам примерот на г. Бујар Османи, но не во прилог на инцидентите, туку во прилог на фер и демократско однесување,“ рече Сиљановска Давкова.

„Демократски парадокс во земјава — дијаспората гласа и во странство и тука“

Претседателката предупреди и на еден, како што го нарече, „демократски парадокс“ во изборниот процес, односно гласањето на луѓе кои немаат реално живеалиште во општините каде што гласаат.

„Ќе си дозволам да изјавам нешто крајно невообичаено во Европа и во светот, а редовно е кај нас. Во европските држави на локалните избори гласаат само луѓе кои имаат постојано живеалиште во општините, денот и ноќта ги минуваат таму,“ изјави таа, додавајќи дека „ние имаме парадокс, да дојдат за еден час луѓе кои веќе гласале во Австрија, Франција или Швајцарија, и да ги изберат градоначалниците и советниците во земјава,“ изјави таа.

Според неа, тоа е феномен што е непознат за зрелите демократии.

„Проверете, тоа е непознат демократски феномен,“ порача претседателката, нагласувајќи дека ваквите појави го нарушуваат принципот на реално претставување на локалното население.

„Ако чекаме да бидеме рамноправни со мажите, ќе чекаме еден век“

Во однос на учеството на жените во изборниот процес, Сиљановска Давкова посочи дека очекувала поголема активност.

„Очекував поактивен однос на жените во поглед на некои состојби за кои сведочевме дека се случиле. Мислам и на партиите и на невладиниот сектор. Изненадена сум бидејќи претходно велевме дека квотата од 40 отсто ни овозможува рамноправност бидејќи ако чекаме спонтано да бидеме рамноправни, ќе ни треба еден век. Секогаш на локалните и на парламентарните избори, на листите имаше родово неутрална квота. Овој пат ние жените имавме шанса сами да се кандидираме со два потписа за градоначалничките позиции, а за советничките, се разбира, однапред знаеме дека постои квотата,“ изјави таа, одговарајќи на новинарско прашање за нејзин коментар околу фактот што меѓународните набљудувачи имаат забелешки за отсуството на жените на кандидатските листи.

Според Давкова, тоа се должи на неколку фактори – изненадувањето од новата можност, но и на длабоко вкоренетите патријархални навики во општеството.

„Помалку жени се кандидираа поради повеќе причини. Прво, изненадувањето, одеднаш се соочувате со можност сами да се кандидирате со два потписа. Ние сме одговорни суштества и секогаш размислуваме дали сме најдоброто решение, дали можеме да одговориме на овој предизвик, особено ако не сме поддржани од луѓе кои ни веруваат. Сè уште има силни елементи на патријархална култура,“ нагласи претседателката.

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова го оствари своето право на глас денеска во вториот круг на локалните избори 2025.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот