Данска го укинува „правото на љубов“ за доживотно осудените: Сака да ги искорени „обожавателките на криминалците“

На затворениците кои во данските затвори издржуваат доживотни затворски казни ќе им биде забрането да влегуваат во нови романтични врски за да се спречи феноменот „обожавателки на криминалците“.

Како што наведува Би-би-си, данската влада претставила нов закон со кој на затворениците кои издржуваат доживотна казна ќе им се ограничи контактирање само со оние со кои биле блиски во првите 10 години од служењето на казната.

Законот следува по откритието дека 17-годишна девојка се вљубила во убиецот Питер Медсен, осуден за бруталното убиство на младата новинарка Ким Вал на неговата подморница, откако таа се качила за да го интервјуира на 10 август 2017 година.

Мадсен подоцна го распарчил нејзиното тело и го фрлил во морето, а на доживотен затвор е осуден во 2018 година.

Камила Курстејн признала дека се вљубила во Медсен откако разменувала писма и разговарала по телефон со него, што траело две години.

Данскиот министер за правда, Ник Хекеруп навел во соопштението дека таквите односи „очигледно мора да престанат“ и додал дека осудените криминалци „не би требало да бидат во можност да ги користат затворите како центри за состаноци или за медиумски платформи за да се фалат со своите злосторства“.

– Видовме одвратни примери во последните години дека затворениците кои извршиле грозоморни злосторства контактирале со млади луѓе со цел да ја добијат нивната симпатија и внимание – додал тој.

Се очекува новиот закон да стапи на сила на почетокот на следната година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот