Дали возачот што го усмрти Југо ќе оди во ефективен притвор уште не е одлучено
Откако судот одлучи да му определи куќен притвор како мерка за обезбедување на возачот Фатон Љ. (25) кој со мотор „Кавасаки“ минатата недела го усмрти Југослав Николовски – Југо, кој излегол пред зградата каде живеел во близина на паркот на Франкофонијата за да фрли ѓубре, Обвинителството вложи жалба и бара ефективен притвор за младиот чаирчанец.
Препорачано
Жалбата на Основното обвинителство е доставена до обвинетиот и до неговиот бранител утрово. Тече рок од 24 часа за одговор на жалба. Потоа, кривичниот совет ќе постапува и одлуката ќе биде соопштена, велат од судот за „Слободен печат“.
Како што објавивме вчера, нови прашања се создаваат во врска со оваа трагедија која го вознемири Скопје. Возачот немал возачка дозвола, ниту пак возел сопствен мотор дознава „Слободен печат“ од записникот од сообраќајката во кој имавме увид а го составила полицијата. Исто така, очевидците на настанот меѓу кои соседи, за нашата редакција велат дека полицијата воопшто и неколку денови по смртта на соседот Југо, не ги викнала да им земе изјава и да ги праша што виделе тие, а и во записникот од сообраќајната незгода нема нивни искази.
Од записникот во кој имавме увид произлегува дека Фатон Љ. не е приведен од полицијата, туку по 2 дена сам се пријавил во полициска станица. Според записникот, на денот кога го усмртил пешакот Југо, овој возач успеал да им исчезне од видикот на полицајците кои „се создале“ за 3-5 секунди после ударот позади него.
Во полицискиот записник има исказ на сопатникот што бил на моторот кој тврди дека „полицијата стигнала на местото каде е прегазен Југо „за 3 до 5 секунди“ по ударот, кој додава дека возачот Фатон Љ. додека полицијата била таму – прво разговарал на телефон па се оддалечил од местото на сообраќајката. Тоа го отвора прашањето како полицијата толку брзо се нашла на местото на настанот штом не го бркала возачот и зошто не го сопрела претходно со оглед на тоа што се работело за лице кое вози каде што не смее – на пешачка патека.
Исто така, нејасно е зошто ако полицијата стигнала на местото за 3 до 5 секунди како што стои во записникот според изјавата на сопатникот, како дозволила возачот што бил до нив да им избега и два дена да го нема? Од записникот станува и јасно дека Фатон Љ. самиот се пријавил во станица, а претходно бил во стан на пријатели. Сопственикот на моторот пак, дал чудна изјава дека скапиот мотор Кавасаки „го паркирал со клуч“ во близина на стадионот во Чаир, а потоа му се јавиле дека со него непознато лице направило сообраќајка. Се работи за скап мотор кој е чудно да биде паркиран со клуч на отворен простор.
Од МВР за „Слободен печат“ велат дека лицето за кое прашувавме претходно имало сторено едно кривично дело насилство во 2016 година и едно дело непочитување здравствени ковид мерки во 2021 година.
За сторителите на вакви сообраќајни незгоди се предвидени казни по член 297 од КЗ за загрозување на безбедноста во сообраќајот и член 300 и 301 за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот.


