Дали партиите со буџетски средства ги финансирале изборните кампањи?!

Гласање на предвремени парламентарни избори 2020 / 15 јули 2020 / Фото: Слободен печат - Драган Митрески

Антикорупциската комисија се сомнева дека пет партии со буџетски средства ги финансирале изборните кампањи, иако за последните избори беше забрането да се префрлаат буџетските пари од редовната сметка на партијата на онаа наменета за изборната кампања. Од ДКСК бараат Заводот за ревизија да ги испита сомнежите, по што доколку се потврдат, Антикорупциската комисија ќе бара правна разрешница пред судовите. Неофицијално, Заводот за ревизија се уште нема започнато ревизија на политичките партии на терен.

– Што се однесува до средствата кои од наредните избори ќе може од редовната сметка на партиите да се користат за избори, интересно е што имаше партии коишто поради недоволно обезбедени донации на изборната сметка, а немање донации на редовната, средствата за редовно работење ги префрлиле на изборната сметка и истите ги користеле за финансирање на изборната кампања. Воочивме кои се тие партии и побаравме Државниот завод за ревизија да ги земе предвид кога ќе ги работи финансиските извештаи за работа на политичките партии и да не извести, истакна членот на ДКСК, Катица Николовска.

Таа додаде дека станува збор за партии кои немаат голем број членови и немале високи износи на основ на членарини.

Средствата од буџетот кои ги добиваат партиите се наменети за редовно работење. Од друга страна, како приватни извори се членарините, донациите од правни и физички лица, ако има легати или донации во нешта или кредити – сето ова се средства за редовно работење и може да бидат искористени за финансирање на редовната кампања, освен оние што ги добиваат од Министерството за правда, односно од буџетот. Дел од партиите, немајќи доволно донации, било на редовната, било на изборната сметка, ги земаат средствата од буџетот и како донација од партијата ги користат за финансирање на изборната кампања. Пример, ако имале донација од милион денари, тие на изборната сметка префрлиле три милиони денари и два милиони денари останува нејасно од каде се, а тоа треба да го утврди Заводот за ревизија, бидејќи тие имаат увид во сите средства и уплаќања, заклучува Николовска.

Засега не се открива за кои партии станува збор. Од она што може да се види од објавениот извештај на ДКСК, во ставката за трансфери од редовната сметка на политичките, иако не се посочува дали станува збор за буџетски средства, се наведуваат политичките субјекти Демократи, Левица, Интегра и Единствена Македонија.

Партиите ќе поминат неказнето за предвреме одржаните митинзи

Воедно, од ДКСК утврдиле и нелогичност во финансирањето на изборните кампањи преку донации.

– Со членот 16 од Законот за финансирање на политичките партии физичко лице не може да донира повеќе од 30 просечни нето плати во годината, односно за правно лице повеќе од 60 просечни плати. Ако се земе предвид дека просечна плата во месец јуни била 25.813 денари едно физичко лице не смее да уплати донација на редовната сметка повеќе 12.500 евра годишно, а за правни лица не повеќе од 25 илјади евра годишно. Од друга страна, во Изборниот законик се вели дека физичко лице не смее да донира повеќе од три илјади евра, а правно лице повеќе од 30 илјади евра. На овој начин се успеа да се обезбеди проток на парите, коишто партиите ги прибираат на редовните сметки во поголеми износи да бидат уплатувани на изборните сметки. Воочивме дека постојат лица што донирале и на редовната и на изборната сметка, па кога ќе се сумираат износите тие се многу повеќе од износот што е лимитиран со Изборниот законик, па се поставува прашањето која е потребата од лимитирање на донации во Изборниот законик ако можеме од редовната сметка да префрлиме било какви средства во било кој износ, нагласи Николовска.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот