Алергија на полен/Фото: Ocskay Mark / Alamy / Profimedia

Дали е можно да се тренира имунолошкиот систем да се спротивстави на сезонските алергии?

Повеќе од 400 милиони луѓе ширум светот страдаат од алергиски ринитис, воспаление на носните патишта како резултат на реакција на алергени во воздухот. Тоа се случува кога имунолошкиот систем погрешно препознава животински влакна или грини како нешто штетно, што предизвикува симптоми кои може да вклучуваат течење на носот, чешање на очите, кивање и во најлош случај отежнато дишење, пишува Би-би-си.

Кога е сезонски, како реакција на полен, алергискиот ринитис се нарекува поленска треска. Покрај тоа што влијае на квалитетот на живот, поленската треска може да има сериозни долгорочни последици, вклучително и ризик од развој на респираторни инфекции и астма. Студиите покажуваат зголемување на распространетоста со текот на времето во региони како Европа, САД и Австралија. Исто така, сè повеќе има докази дека симптомите на поленската треска стануваат потешки со климатските промени.

Сепак, постојат добри вести, велат алерголозите: денес се достапни висококвалитетни, ефикасни и безбедни терапии за поленска треска. Повеќето ги третираат симптомите. Но една, алергенска имунотерапија (AIT), е повеќе од лек, го „учи“ телото помалку да реагира на одредени алергени и може да го промени вообичаениот тек од поленска треска кон астма.

Сериозен здравствен проблем

Дел од проблемот е што дури ни здравствените работници не секогаш го сфаќаат алергискиот ринитис сериозно, вели клиничкиот алерголог Стивен Дарам, професор емеритус по алергологија и респираторна медицина на Империјал колеџ во Лондон и болницата Ројал Бромптон.

– Поленската треска е голем проблем, а оние што ја немаат често ја потценуваат. Ако размислите од што се состои нашиот живот – работиме, спиеме и се забавуваме. А, сите тие работи се сериозно погодени од поленската треска – рекол проф. Дарам.

На пример, луѓето со поленска треска имаат поголем ризик да имаат потешкотии со заспивање и често се будат во текот на ноќта, па затоа се чувствуваат уморно. Дури е утврдено дека сезонските алергии влијаат и на училишниот успех кај децата.

Постојат и други здравствени последици. Поради хроничното воспаление на слузницата, луѓето со алергии почесто добиваат респираторни инфекции, дури двојно повеќе, според една студија. Ако не се лекува соодветно, поленската треска може да предизвика тешки, хронични заболувања на горните дишни патишта и инфекции на увото.

Поленската треска, особено кај децата, може да доведе и до развој на астма, а самата астма обично е потешка кај луѓе кои истовремено имаат поленска треска.

– Постои концепт „еден дишен пат, една болест“ – рекол д-р Бари Коен, педијатриски алерголог и автор на преглед од 2023 година на Американската академија за педијатрија за алергиски ринитис.

Воспалението на горните дишни патишта може да влијае и на долните преку заеднички имунолошки механизми, што може да доведе до астма.

Проблем стар цел век и решение?

Иако поленската треска е во пораст, нејзиното постоење не е ново. Врз основа на сопствените искуства и на 28 други пациенти, лондонскиот лекар Џон Босток детално ги опишал симптомите на сезонска алергија уште во 1828 година, вклучувајќи „замагленост во главата, затнат нос, кивање, солзење на очите и исцедок од ноздрите“.

Имунотерапијата за алергени како поленот исто така не е нова. Во 1911 година, друг лекар открил дека инјектирањето екстракт од тревен полен кај пациенти со поленска треска може да ги ублажи симптомите следната пролет. Првото плацебо-контролирано испитување било спроведено во 1950-тите.

До 1980-тите, ова станало признат третман. Овие „алергиски инјекции“ се покажале како многу ефикасни, намалувајќи ги симптомите кај илјадници пациенти. Но постоел проблем: понекогаш имало фатални исходи поради анафилакса, алергиска реакција на самата инјекција.

Овие случаи се исклучително ретки околу една на два до два и пол милиони инјекции и денес се уште поретки благодарение на подобро разбирање и правилна примена.

Сепак, кога во Велика Британија биле регистрирани околу 26 смртни случаи (1957–1986), биле воведени нови правила, вклучително и задолжително набљудување по инјекцијата (денес околу 30 минути). Бидејќи терапијата бара редовни апликации, тоа ја направило доста комплицирана.

Алтернатива на инјекциите

Интересот за орална алтернатива, развиена во 1980-тите, се зголемил. Сублингвалната терапија подразбира ставање капки алерген под јазикот, наместо инјекција.

Иако првично постоел скептицизам, истражувањата покажале дека е многу побезбедна (без смртни случаи) и сепак многу ефикасна. Најчести несакани ефекти се локални, како привремено чешање или оток на јазикот.

Во 1998 година, Светската здравствена организација ја признала како ветувачка алтернатива.

Главниот предизвик е дисциплината: капките треба да се земаат секојдневно неколку недели пред сезоната. Околу 85 проценти од пациентите имаат контрола на симптомите, а по три години терапија може да се постигне долгорочно подобрување. Истражувањата покажуваат значително намалување на симптомите, па дури и долготрајни ефекти по прекинот на терапијата.

Сепак, спектарот на алергии што може да се третираат на овој начин е ограничен (на пример, грини, амброзија и тревен полен).

Имунотерапијата може дури и да спречи развој на астма. Кај деца што примале терапија, ризикот од астма бил намален за околу 29 проценти.

Но, кај пациенти со тешка или неконтролирана астма, оваа терапија може да не е препорачлива. За нив постојат биолошки лекови кои делуваат на имунолошкиот систем, но се поскапи и не даваат долгорочна ремисија како имунотерапијата.

Како да изберете терапија и да ги намалите предизвикувачите?

Најдостапен и ефикасен третман се назални спрејови со антихистаминици и кортикостероиди. Важно е да се започне пред сезоната и да се користат редовно. Оралните антихистаминици се помалку ефикасни, но ако се користат, подобро е да се изберат понови (како цетиризин или лоратадин), бидејќи помалку предизвикуваат поспаност.

Исто така, важно е да се избегнуваат предизвикувачите:

– држете ги прозорците затворени
– користете прочистувач на воздух
– носете очила или маска надвор
– мијте лице и раце по враќање дома
– туширајте се пред спиење

Сепак, целосно избегнување не е секогаш можно, особено бидејќи активности на отворено се важни за квалитетот на живот.

– Имаме многу ефикасни третмани за повеќето пациенти. Проблемот е што алергиите често се потценуваат и луѓето не знаат како правилно да ги лекуваат – заклучил проф. Дарам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот