ДАФ: Доделени наградите на Драмскиот аматерски фестивал во Кочани

По 58 пат се одржа Драмскиот аматерски фестивал – Кочани. Овој пат, ДАФ се одржа под отворено небо и со ограничен број посетители, кои проследија десет настани, а беа доделени и осум награди. Десетте настани што се одржаа на отворено беа организирани согласно препораките за заштита од ковид-19, со задолжително носење заштитна маска и мерење телесна температура. Фестивалот излезе од рамките на театарската кутија/затворена сцена и отворањето се одржа со претставата вон конкуренција „На отворено“, работена според Мрожек, во режија на Андреј Цветановски од Театар Комедија од Скопје и тоа на една од културно, туристички и геопоетички најатрактивните локации на истокот на нашата земја – Споменикот на слободата.

– Задоволен сум од годинашното издание и огромна благодарност упатувам кон сите учесници, соработници, волонтери од средните училишта во Кочани, без кои не може да се замисли организација од ваков вид, на помошта од Советот на Општина Кочани, на правните субјекти и приватниот сектор, и особено на публиката, која доследно ги следеше сите пропишани правила и мерки за заштита на здравјето. Драмскиот аматерски фестивал Кочани ќе продолжи да го поттикнува и афирмира драмскиот аматеризам во Македонија и заедно со градот Кочани ќе остане одличен домаќин – изјави Дарко Спасов, извршен директор на фестивалот.

Гости на фестивалот, во конкуренција за осумте награди што ги доделува тричлено жири, беа Аматерскиот театар од Кавадарци „Иван Мазов – Климе“, со претставата за деца „Авантурата на принцезата Лили“ и „Не се клади на Енглези“, работени според пиесите на Мира Станишев и Владимир Ѓурѓевиќ. За најдобра женска главна улога, наградата ѝ е доделена на Ива Џорлева како Џева во „Стјуардеси“ – М. Каполети, „Спотлајт“ – Штип, најдобрата машка епизодна улога е во рацете Мартин Ристов, како Најдо во „Стјуардеси“ – М. Каполети, „Спотлајт“ – Штип, а за најдобра машка главна улога добитник е Видан Станоев, како Негро во „Не се клади на Енглези“ – според В. Ѓурѓевиќ, Театар при ДК „Иван Мазов – Климе“. За најдобра режија, добитник е Диме Коцевски за „Не се клади на Енглези“ – според В.Ѓурѓевиќ; Театар при ДК „Иван Мазов – Климе“. Наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар оди за Студио за актерска игра „Прва проба“ (Ф.А.Д. Стоби) – Скопје. Најдобра претстава во категоријата Театар за деца и младинци прогласена е „Авантурата на принцезата Лили“ – според Мира Станишев во режија на Микица Илова во продукција на Театар при ДК „Иван Мазов – Климе“. Наградата за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар ја доби Студио за актерска игра „Прва проба“ (Ф.А.Д. Стоби) – Скопје и Гран-при наградата ја доби претставата „Не се клади на Енглези“ – сп. В. Ѓурѓевиќ во режија на Диме Коцевски – Театар при ДК „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци.

На огромна радост на најмалите, на летната сцена, покрај реката во Кочани гостуваа и децата од драмското студио „Прва проба“ под менторство на Маја и Зоран Љуткови. Натпреварувачкиот дел заврши со настап на драмското студио „Спотлајт“ од Штип со претставата „Стјуардеси“, работена според Марк Камолети. Од придружната програма фестивалот го издвои омажот на Славица Цветкова во чест на 100-годишнината од раѓањето на Блаже Конески, подготвен од Центарот за култура „Бели Мугри“ Кочани и гостувањето на Македонскиот центар ИТИ од Скопје со проектот „Видео театар“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 82, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 29-30 мај 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот