Д-р Јовановска: Раката на бебето е имобилизирана, нема да има трајна последица, извлекувањето било тешко поради положбата

Бебето кое во текот на породувањето со царски рез на Клиниката за гинекологија и акушерство во Скопје доби скршеница на раката нема да има траен инвалидитет, ниту пак долгорочни последици, изјави за „Слободен печат“ директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, доктор Викторија Јовановска.

Мајката била породена во саботата, околу 18 часот попладнето, со царски рез. Директорката, доктор Јовановска вели дека ваква компликација при породувањето, иако е поретка, сепак се случува, а Клиниката не ѝ кажала на мајката дека нејзиното бебе има скршеница на раката затоа што биле во фаза кога проверувале дали отокот што го забележал педијатарот е предизвикан од скршеница. Додека траело снимањето на раката и опсервацијата, докторите не сакале да ја вознемируваат мајката додека не проверат до крај за што се работи. Мајката и бебето ќе бидат пуштени дома утре.

Според Јовановска, снимањето на рачето на бебето се случило вчера, додека во посета на болницата бил министерот за здравство доктор Фатмир Меџити да го види првороденото бебе од 2024 година. Тогаш педијатар ја известил директорката дека бебе има пареза на раката, по што веднаш била нарачана снимка и детски хирург ја имобилизирал раката на бебето во гипс и сега тоа е под опсервација. Извлекувањето на бебето од стомакот било потешко поради положбата трансверзус.

– Бебето нема да има никаква последица. Вчера му е поставена имобилизација (гипс н.з) и нема да има никаква последица. Ова се случува како компликација при попречна презентација на плодот. Формиравме комисија за да се испитаат сите околности. На почетокот по пораѓањето, отокот не бил видлив. Но вчера изутрина кога забележале дека на раката има оток, направија рентген снимка и видоа дека има фрактура. Тоа не е честа компликација, но сепак е компликација која може да настане кога плодот има попречна презентација. На почетокот детето имало пареза на раката. Постојат парези кои во првите 24 часа спонтано поминуваат и чекавме да видиме дали е тоа. Но бебето е сега имобилизирано и мајката го гледа. Може да ја испишеме од болницата утре заедно со бебето, изјави за „Слободен печат“ доктор Јовановска.

Родилката Анета Дамјановска и нејзиниот сопруг Благојче Дамјановски, за медиумите тврдат дека не им било дозволувано на ГАК да си го видат бебето и дека им криеле дека бебето имало скршена рака. Таткото истакна дека го избркале од ходникот на болницата. Директорката Јовановска вели дека бил агресивен и морало да се интервенира во интерес на другите пациенти и редот и мирот во болницата.

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот