Д-р Илир Демири: Луѓето да не се опуштаат дека омикрон била лесна варијанта, греота е да живееш во Скопје а да не си вакциниран

Д-р Илир Демири / Фото: МИА

Луѓето не треба да се опуштаат и да мислат дека омикрон е лесна варијанта, затоа што ова охрабрување е клинички неиздржано, смета д-р Илир Демири од Инфективната Клиника и член на Комисијата за заразни болести. Тој вели дека неговото досегашно искуство покажува дека нема евидентирано ниеден починат од ковид без коморбидитети, а да е редовно вакциниран.

-Единствената мерка која би не заштитила да го поминеме ова полесно е вакцинацијата и тоа е наша обврска. Жално е пациент да живее во Скопје а да не е вакциниран, апелираше доктор Демири.

Последнава недела, од 24 до 30 јануари, во земјава како последица на ковид 19 починале 148 граѓани, објави Институтот за јавно здравје во својот неделен извештај. Тоа претставува зголемување на смртноста за 40 проценти споредено со претходната недела. Комисијата за заразни болести се екипираше со нови членови кои ќе се справуваат со ваквата епидемиолошка ситуација. За нов претседател е поставен директорот на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски а за одговорен за односи со јавност, доктор Злате Мехмедовиќ од Здравствен дом Скопје.

Доктор Мехмедовиќ по состанокот на комисијата рече дека укинување на вакциналните сертификати не доаѓа предвид особено не во зимскиот период.

-Популацијата која нема создадено имунитет најдобро ќе се заштити со вакцинација. Нема да има радикален чекор на укинување на сертификатите зашто со тоа и низок степен на вакцинација, ќе се оптовари здравствениот систем и таа мерка е контрапродуктивна и нема да се разгледува, дециден е доктор Мехмедовиќ.

Претседателот на Комисијата и директор на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски вели дека цел на Комисијата за заразни болести која функционира во проширен состав е да се применуваат научни податоци од странство во македонски услови, но не буквално и по секоја цена, туку адаптирано и сензибилизирано за македонски услови.

-Ќе поставам бариера, не значи дека ако во Англија ги фрлиле маските и ние ќе го направиме истото. Нема да работиме на тој принцип. Во Македонија се поспецифични условите и не може така да прифаќаме се од надвор. Во основа ќе следиме научни сознанија и ќе ги направиме прифатливи за наши околности, рече доктор Петличковски.

Наставата за средните и основните училишта продолжува со физичко присуство зашто во возрасната група меѓу 12 до 18 години имало мала стапка на инфицирани, но сепак за тоа така да остане мора да се носат маски и да се почитуваат протоколи, рекоа од Комисијата за заразни болести. Со околу 10 до 20 илјади брзи тестови ќе се детектира дали учениците имаат ковид, односно ќе се спроведува скринингот. Брзите тестови кои ќе се користат за таа намена имаат специфичност на омикрон од само 50 проценти.

-По протокол се изолираат само учениците кои биле во непосредна близина на позитивниот, а се тестираат само ако имаат симптоми. Омикрон може да го избегне имунитетот од вакцината ако таа е примена пред долго време а има убави студии според кои примање на трета доза ја зголемува заштитата од инфекција за 80 проценти, рече доктор Петличковски.

Во новиот состав на Комисијата за заразни болести се докторите Кристина Ставридис, Шабан Мемети, Калина Гривчева Старделова, Невзат Елези, Жарко Караџовски, Ирина Сотирова Бухова, Катерина Ставриќ, Милена Стевановиќ, Ѕвонко Миленковиќ, Фадил Цана, Илир Демири, Виктор Исијановски, Лилјана Десподовска Ристовска, Нико Беќаровски, Марија Дуганова, Арбен Лабништа, Сузана Маневска, Јованка Костовска, Злате Мехмедовиќ, Златко Арсениевски, Драган Георгиевски, Грета Николовска и Марија Милкова.

Комиисјата ќе се состанува редовно секој вторник.

Последнава недела според податоците на ИЈЗ тестирани се 38.518 брисеви за ковид, а од нив 11.916 биле позитивни, што претставува зголемување на бројот на позитивни тестови за 2.7 проценти споредено со претходната недела. Позитивните случаи се од 35 градови во државата, а најголемиот број заболени, односно 6.033 лица се од Скопје.

Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 1.558 реинфекции, скоро идентично во однос на претходната недела.

Најголем дел регистрирани заболени од ковид 19 има во Скопје, Куманово, Битола, Прилеп и Тетово, додека највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга, Крива Паланка и Дебар.

Според извештаите од болниците моментално е хоспитализирано 671 лице што претставува зголемување на обемот на хоспитализации за 22 проценти споредено со претходната недела.
Од нив 390 се на кислородна поддршка, вкупно 14 проценти повеќе отколку минатата недела.

Во однос на симптоми пријавени кај заболените, најчесто се регистрирани температура, кашлица и малаксаност. Регистрирани се 66.947 асимптоматски случаи. Во однос на коморбидитети, 43.530 лица имаат кардиоваскуларна болест, 14.275 дијабет, 6.192 се со хронична белодробна болест и 16.225 со други хронични болести.

Од почетокот на пандемијата, пријавени се 1.262 случаи кај бремени жени и 8.096 здравствени работници. Во однос на импортирани случаи регистрирани се 8.575 случаи кои патувале во период од 14 дена пред појавување на симптоми.

Регистрирани се 62.750 потврдени случаи кои имале контакт со позитивен случај 3 дена пред почетокот на симптоми/добивање на позитивен резултат. Заклучно со 30 јануари годинава, вкупно се регистрирани 6.494 реинфекции, од кои 17 се втори реинфекции.

Досега во лабораторијата за вирусологија при ИЈЗ се детектирани 255 пациенти позитивни на Омикрон варијантата. Детектирани се и примероци со Делта сојот.

Од реинфекциите, 13 завршиле со смртен исход. Регистрирани се 9 смртни случаи кај бремени жени и 37 смртни случаи кај здравствени работници. Од смртните случаи, 594 починале во вонболнички, а 7.815 во хоспитални услови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот