д-р Горан Николов, интернист-кардиолог: Зошто дебелите луѓе и дијабетичарите имаат поголем ризик од лош исход на болеста?

профимедиа

Во контекст на инфекцијата ковид-19 и другите болести, овој текст овозможува подобро да се разбере зошто дебелите луѓе, дијабетичарите и луѓето со останати метаболни нарушувања имаат поголем ризик од лош исход на болеста.

Болестa на неалкохолен замастен црн дроб e eдна од најчестите заболувања на црниот дроб и означува црнодробна манифестација на метаболниот синдром. Висцералните масти (мастите натрупани во внатрешните органи, кои се најопасни за организмот) функционираат како ендокрин орган и учествуваат во излачувањето на адипоцитокини, провоспалителни цитокини, кои доведуваат до метаболни нарушувања. Поголем број од заболените немаат симптоми, освен во ретки случаи појава на замор, со зголемени или не ензими на црниот дроб.

д-р Горан Николов

Дефиницијата на дебелината се менувала со времето и со новите сознанија. Денес се знае дека обемот на струкот е во сооднос со застапеноста на висцералните масти.  Дебелината е поврзана со зголемен ризик од болеста на неалкохолен замастен црн дроб, која не е единствена болест, туку е низа на црнодробни пореметувања на кои заедничка карактеристика им е ексцесивно натрупување масти во паренхимот на црниот дроб. Наједноставна форма е замастен црн дроб или стеатоза, а ако во паренхимот на црниот дроб како последица на масната инфилтрација настане воспаление, станува збор за неалкохолен стеатохепатитис (NASH). Двата облика на болеста можат, но и не мораат да бидат проследени со фиброза (олузнување), која може да прогресира во цироза на црниот дроб, а таа пак понатаму да дегенерира во рак на црниот дроб. Метаболниот синдром (МетС), на кој една од каректеристиките му е дебелината, е поврзан со НАФЛД (NAFLD) на повеќе начини. Севкупно, досегашните истражувања упатуваат на тоа дека болеста на неалкохолен замастен црн дроб е всушност црнодробна манифестација на метаболниот синдром.

Се смета дека инсулинската резистенција (ИР) има централна улога во развојот на НАФЛД. ИР влијае на метаболизмот на липидите зголемувајќи ослободување на слободни масни киселини во циркулацијата. Последователното натрупување на триглицеридите во црниот дроб во форма на масни капки во хепатоцитите доведува до НАФЛД. Лековите што се користат за смалување на ИР не влијаат врз намалување на степенот на НАФЛД, што покажува дека ИР не е единствен причинител кој влијае во настанувањето и развојот на НАФЛД. Во тек се истражувања на цревните микробиоти кои вклучуваат интересни истражувања на неурамнотеженоста на цревната микрофлора во патогенезата на дебелината и настанувањето на НАФЛД (корисно е влијанието на пробиотици и пребиотици во вакви состојби).

профимедиа

Клиничка слика и дијагноза   

Недостатокот на клинички сиптоми, освен високиот индекс на телесна маса и едноставните лабораториски параметри што корелираат со степенот на стеатоза и оштетување на црниот дроб, претставуваат основни недостатоци во дијагнозата и следењето на НАФЛД. Во повеќе од 50%, пациентите со НАФЛД имаат нормално ниво на црнодробните ензими. Ултразвучен преглед на црниот дроб (абдомен) е едноставна, евтина, повторувачка и широко рапространета сликовита метода на дијагностицирање на НАФЛД и во моментот е метод на избор за почетна проценка на црнодробниот паренхим. Златен стандард останува биопсијата, која е инвазивен метод. Таа треба да се земе предвид кај индивидуи кои се со зголемен ризик за развој на напредна форма на НАФЛД. Последните години како основа за одредување на фиброза на црниот дроб се користи транзитна еластографија, која корелира со параметрите на отврднувањето на црниот дроб.

Терапијата со витамин Д го спречува напредувањето на болеста

Во денешно време мислењето за витаминот Д е променето. Неговата улога не е само во метаболизмот на коските, туку потврдено е дека има имуномодулаторно, антифибротско и антиинфламаторно делување. Црниот дроб е центрлниот орган во синтезата на витаминот Д. Исто така, црниот дроб го синтетизира и протеинот што има улога на носач на витамин Д. Овој алфа-2-макроглобулин има противвоспалително и имуномодулаторно својство. Од неодамна е препознаено дека недостаток на витамин Д е често присутен во хронична болест на црниот дроб. Многу автори ја прикажуваат поврзаноста на ниски нивоа на витамин Д со карактеристиките на метаболниот синдром (МетС), а забележано е дека нивото на 25(ОХ)-Д (25(OH)D) во серумот е обратнопропорционално со индексот на телесна маса, составот на висцералните и телесните масти, хипертензија, ИР и дијабетесот.

Витаминот Д делува антипролиферативно и антифибротично во прогресијата кај НАФЛД. Поврзаноста на ниската вредност на витамин Д и НАФЛД и неговата прогресија, според гореспоменатите забелешки, сугерира дека терапијата со витамин Д го спречува напредувањето на болеста.

профимедиа

Лекување: слабеење и промена на животниот стил

Кај лицата со прекумерна телесна тежина неопходна е диета и промена на начинот на животниот стил. Препораката на Светската гестроентеролошка организација на НАФЛД/НАСХ 2016 година е загуба на телесната тежина од 5-10%, со 25% помал калориски внес од нормалната исхрана. Предложено е умерено вежбање 3-4 пати неделно, како и соодветна контрола на дијабетесот, хиперлипидемијата и другите кардиоваскуларни ризик-фактори.

Дебелината генерално предизвикува провоспалителна состојба со зголемен ризик од метаболни коморбидитети како што е НАФЛД. Доказите предупредуваат дека висцералната дебелина е директно поврзана со развој и прогресија на НАФЛД.  Најважниот патолошки механизам во замастувањето на црниот дроб (стеатоза) вклучува зголемено лачење на проинфламаторни цитокини и адипокини, како и ослободување на слободни масни киселини во порталната и системска циркулација, предизвикувајќи дислипидемии и системска инсулинска резистенција. Дебелите лица со НАФЛД обично не покажуваат специфични симптоми, освен нормални или умерено зголемени вредности на црнодробните ензими (трансаминази). Лекувањето треба да биде насочено на слабеење и промена на животниот стил. Сè уште се истражуваат бројни лекови за лекување на НАФЛД, вклучително и витамин Д.

Центар за внатрешни болести „Срце“

Ул. „3-та македонска бригада“ бр. 45/1-2, 1000 Скопје

Тел. 02/3217-016, моб. 071/319-208

(комерцијален текст)

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот