Црвен картон за опозицијата

Атанас Костовски, Фото: Архива

Штета што во некој амандманите нема предлог сите кандидати за пратеници на изборните ливчиња од сите изборни единици – не само тие што изборија место во Собранието – да го верификуваат својот мандат и во секое време да имаат можност да ги заменуваат отсутните пратеници!

Во новосоздадените ковид-услови за работа, македонските народни избраници добија во рака по три картони – зелен, жолт и црвен, како боите на семафор. Очекував еден стопроцентно разумен и умен предлог на еднаквиот меѓу нив, на нивниот спикер Талат Џафери за вклучување од далечина во работата на Собранието на пратениците со ковид-19 и на тие во самоизолација да го „позелени“ Собранието, сите да ги подигнат зелените картони, да гласаат – ДА! Но, на  Димитар, на Христијан, на Зијадин, на Африм и на сите нивни истомисленици од трите бои најмила, дури и премила им била црвената. Па, кога е бал, нека е маскенбал (Апасиев) – го замрзнаа собранискиот семафор на црвената боја! Му се извинувам на штипјанецот Никола Мицевски (со малешевски корени) што не го споменав бидејќи неговиот лидер Мицковски нема црно на бело од гласачите да има пратеничка плата, ама  верувам дека Никола секогаш пее по нотите на Христијан. А за тоа што по овој ред им ги напишав имињата, сами се заслужни. Апасиев и неговата Левица посакаа 1.400 пати да им се скине тенкото мнозинство на владејачките партии, Мицковски и неговото ВМРО-ДПМНЕ на хартија тоа го потврдија  само 50 пати помалку, Алијансата и Алтернатива на Села и на Гаши застанаа само на 300 желби на комшиите да им цркне козата!

Речиси цела недела се думав дали да  земам збор по оваа тема. Во време на архивирањето и преведувањето на поднесените 3.050 амандмани, очекував барем еден од четворицата опозициски лидери да фрли поглед и подалеку од Табановце, Гевгелија, Деве Баир и Ќафасан, ама тоа ми била само пуста желба. Откако го слушнав мојот стар „должник“, докторот по правни науки Димитар Апасиев (ни по 2,5 години не ги обелодени имињата на преплатените македонски новинари од летото 2018 година) дека нема никогаш да дозволат „процесот да заврши“ и дека ќе блокираат со амандмански филибастеринг, решив да им упатам барем два-три збора на лидерите што се вратија на моливот, гумата и сметалката за да ја попречат дигитализацијата!

Содржината на поднесените амандмани на споменатата четворка е веќе позната, сепак жално е што Апасиев сѐ уште не разбрал дека на големиот христијански празник Велигден, Собранието не работи! Професорот, сега пратеник-бруцош, има шанси и практично да се увери во тоа. А тоа што оправдано го бара и го предлага  претседателот Џафери, односно мнозинството, не е наш македонски изум. Шпанскиот парламент не смени Уставот за да овозможи онлајн гласање за Македонија да стане 30 членка на НАТО. Неодамна лидерите на најбогатите земји на онлајн состанок донесоа значајни одлуки, а пак претседателите на 15 земји од азиско-пацифичкиот регион потпишаа договор за заеднички настап на светскиот пазар! Насекаде во светот во овие денови на пандемија најпознатите лидери низ видео комуникација си посакуваат добро утро, комуницираат, решаваат и разговараат за многу проблеми. Па дури и македонските и бугарските историчари жешките теми ги ладеа преку онлајн разговори! Во хор пее црвената опозициска  четворка – Деловникот се донесува со консензус, работењето на Собранието е на седници, работата од далечина е противуставна… Веројатно се во право ако така пишува во Деловникот, ама пишувачите тогаш биле сите на број, немало ни изолирани ниту пак позитивни на ковид-19!

Да, многу порано од оваа 2020 година напишале дека фудбалот, најважната споредна работа на светот, се игра за голови и за гледачи. Денеска на головите им аплаудираме од дневните соби, но фудбалот и натаму се игра. Позитивните фудбалери се во изолација, резервите добиваат шанса, фудбалот продолжува да живее!

Собранието мора да работи, впрочем пратениците за тоа се и платени. Арчот за бесмислените амандмани треба да падне и на нивна сметка. Штета е што во Деловникот не пишува дека понекогаш и тие, пратениците, треба да си го платат својот бал под маски! Штета што во некој од 3.050 амандмани нема предлог сите кандидати за пратеници на изборните ливчиња од сите изборни единици – не само тие што изборија место во Собранието – да го верификуваат својот мандат и во секое време да имаат можност да ги заменуваат отсутните пратеници! Месечните примања лесно ќе се пресметуваат, според присуството на седниците.

За нашите крајно неодговорни народни избраници во овие тешки ковид денови можеби оваа е единствено можно решение за ефикасно работење на Собранието. Но, за тоа е потребен консензус, а со таков предлог тешко ќе се кине тенкото мнозинство на владејачката коалиција, како што посакуваат лидерите на опозициските партии.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот