Црногорските пратеници денеска гласаат за смена на министерот Лепосавиќ, побарана од премиерот Кривокапиќ

Членовите на црногорскиот Парламент денеска ќе се изјаснат за иницијативата за разрешување на министерот за човекови и малцински права, Владимир Лепосавиќ, пренесе РТЦГ.

Премиерот Кривокапиќ го побара разрешувањето на Лепосавиќ, откако министерот во парламентот, одговарајќи на прашања од пратениците од опозицијата, кажа дека „тој е подготвен да признае дека во Сребреница се случил геноцид, кога тоа е недвосмислено утврдено”.

Разрешувањето на Лепосавиќ е можно само со гласовите на опозициската ДПС на Мило Ѓукановиќ, која ги бојкотира седниците на парламентот, на некои други опозициски партии и на Граѓанското движење УРА, на потпретседателот на владата, Дритан Абазовиќ.

Највлијателниот партнер во владата, Демократски фронт, соопшти дека нема да гласа за смена на Лепосавиќ, а Демократите на Алекса Бечиќ најавија дека нема да гласаат за смена на министерот доколку има поддршка на ДПС.

Од опозицијата соопштија дека СДП, СД, Бошњачката партија и албанските партии ќе гласаат за разрешувањето на министерот.

Црногорското Собрание вчера ја заврши неколкучасовната расправа за иницијативата на премиерот Здравко Кривокапиќ.

Седницата на Собранието беше одбележана со остри реплики и зборови меѓу претставниците на владеачките партии и премиерот Кривокапиќ, кој синоќа кажа дека во Собранието на Црна Гора има неморал и политичко лицемерие. Ова негова констатација предизвика остра реакција кај некои пратеници од владеачките партии,   особено од ДФ, но и од опозицијата.

Претседателот на парламентот, Алекса Бечиќ, едвај успеа да ја смири ситуацијата, предупредувајќи го притоа Кривокапиќ да го почитува Собранието.

Кривокапиќ кажа дека ако е нешто добро, тоа е експертската влада, бидејќи таа е народна влада што се грижи за народот и граѓаните.

Тој оцени дека „овде се слушаат толку многу лаги што се поставува прашањето што е тоа политика”.

Министерот Лепосавиќ кажа дека ќе му биде полесно доколку од денеска не биде министер и додаде дека се надева дека Владата ќе преживее.

По бурната седница, Кривокапиќ соопшти дека нема да поднесе оставка на функцијата и ги повика пратениците да иницираат негово отстранување.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот