Црногорците не се откажуваат: И МЗТ заслужува шанса за влез во првата АБА лига!

фото: druga.aba-liga.com

Кошаркарскиот клуб Сутјеска Никшиќ имаше соопштение во кое вели дека во овој момент одигрување на фајнал фор е единственото решение, што е фер и спортски.

Челниците на регионалната кошаркарска лига и натаму ги разгледуваат сите сценарија за актуелната сезона која моментно е во прекин поради пандемијата на коронавирусот.

И покрај тоа што МЗТ Скопје Аеродром обезбеди плеј-оф во АБА2 лигата за враќање во елитата, постои опција македонската кошаркарска екипа поради евентуално предвремено завршување на сезоната да не добие и воопшто шанса сезонава да се бори за влез во елитата.

Аеродромци дури не би биле дел и од можното проширување на првата АБА лига (од 12 на 14 екипи), а како нови членови би биле Борац Чачак и Сплит кои на крајот од регуларниот дел од АБА2 лигата беа на првите две места. МЗТ заврши трет, а Сутјеска Никшиќ на четвртата позиција.

Нашиот кошаркарски шампион имаше свое соопштение, односно со предлог до АБА доколку предвреме заврши првенството.

Што подолга е паузата, толку е поизвесно дека никој нема да испадне од првата АБА лига, како и дека оваа лига во наредната сезона ќе биде побројна за уште двете најдобро првопласирани екипи од АБА2 лигата, но ваквата идеја сигурно не оди во прилог на МЗТ и Сутјеска Никшиќ кои го стекнаа правото да играат во плејофот и да се борат за учество во елитата.

Црногорскиот клуб Сутјеска Никшиќ имаше соопштение по повод актуелната ситуација:

Најчесто се говори за проширување на првата АБА лига со два тима од АБА2 лигата, што КК Сутјеска го поддржува.

Но, од друга страна ние како клуб кој обезбеди место во плејофот за учество првата АБА лига смета дека единствено исправно е за тие два „билети“ да се борат четирите клубови кои обезбедија плејоф во АБА2 лигата (Борац Чачак, Сплит, МЗТ Скопје Аеродром, Сутјеска Никшиќ).

Со оглед на ситуацијата поврзана со пандемијата на коронавирус, чие траење и натаму е непознато, нашиот став е дека одигрување на фајнал-фор е единственото решение кое би било фер и спортско, со оглед на тоа што заврши регуларниот дел од АБА2 лигата, за разлика од првата АБА лига, и имаме конечен распоред на табелата.

Потсетување дека КК Сутјеска е подобра во меѓусебниот скор од сите противници во АБА2 лигата, вклучувајќи ги Сплит и МЗТ, со исклучок на Борац од Чачак.

Публиката во Никшиќ го заслужува тоа и цела Црна Гора, како поранешни учесници во АБА лигата, да ја добиеме таа спортска шанса за обезбедување место во елитата на регионалната кошаркарска лига – велат од КК Сутјеска Никшиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот