ЦЈЗ Тетово со порака до тетовци: Превривајте ја водата од градскиот водовод или пијте флаширана

фото Архива

Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) Тетово препорачува водата од градскиот водовод да не се користи за пиење во овој период поради нејзино заматување што е предизвикано од интензивните врнежи од дожд. Објаснуваат дека состојбата не е аларманта и дека по прекинување на врнежите се очекува стабилизирање на физичко-хемиските параметри.

– Поради обилните дождови, најверојатно дојде до пробив до извориштата на Шар Планина и до заматување на водата за пиење во градскиот водовод на Тетово. Поради тоа, не препорачуваме водата да се пие, односно препорачуваме да се користи флаширана вода или да се преврира 10 минути, а потоа да се употребува изладена. Првичните резултати се во рамки на нормални вредности. Нивото на резидуален хлор е 0,2 милиграми на литар, така што препорачуваме да не се консумира додека не излеземе со конечните резултати. Нивото на резидуален хлор ни дава надеж дека нема да дојде до микробиолошко загадување и дека ова ќе биде едно транзиторно заматување на водата за пиење, изјави Ратко Давидовски, специјалист по хигиена и здравствена екологија во ЦЈЗ Тетово.

Тетово во моментот се снабдува со вода од четирите извори на Шар Планина и од т.н. стар водоснабдителен систем. Новиот систем кој зема вода од планинските реки кај месноста Лешница веќе неколку дена не е во функција, исто така поради заматување на водата и затоа што сензорите на филтер-станицата не дозволуваат проток на водата.

Стариот систем од извориштата на Шар Планина денеска има зголемена количина и доток на вода во мрежата од 310 литри вода во секунда, кои во саботата биле 150. Тоа е амплитуда која се случува оддеднаш и поради дождовите и ќе се намали, информира Љуљзим Шаќири од ЈКП Тетово.

Четирите извори од стариот систем се Уливерички извор, Вакуф, Попова Шапка и Драга Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот