ЦИВИЛ: Пандемијата и економската криза не смеат да бидат изговор на капиталистите за кршење на работничките права

Здружението на граѓани ЦИВИЛ пати честитка за Меѓународниот ден на трудот, во која ги повика сите субјекти активно да се вклучат во борбата за правата на работниците.

-ЦИВИЛ им го честита 1 Мај на сите работнички и работници во Република Северна Македонија и во светот. Овој ден е посветен на работничкиот протест и на гласните барања да се престане со нечовечниот и експлоататорски однос кон работничките и работниците.

ЦИВИЛ ги повикува синдикатите, граѓанските организации, политичките партии да се вклучат во борбата за социјална правда и работнички права.

Првата и најголема жртва на економските последици од пандемијата се токму работничките права. Затоа, не е доволна само политичката волја и мерките на владата, туку вклучување на целото општество. Крајно време е да се покрене вистинска и доследна акција за заштита на работничките права во услови на пандемијата која ѝ зададе силен удар на светската економија. Уште поважно од тоа е да не се користи економската криза како изговор за намалување на работничките права, туку нивно унапредување, на сметка на дебелите профити на капиталистите.

Пандемијата и економската криза не смеат да бидат изговор на капиталистите за кршење на работничките права!

ЦИВИЛ ги повикува политичките партии, владата и собранието да работат на дополнително менување на законите во полза на работничките права и нивно доследно спроведување.

Дел од работничките и работниците во Северна Македонија работат во тешки услови, најчесто без основни средства за заштита при работа, а се чести жртви и на мобинг на работното место. Жените работнички и самохраните мајки се во уште потешка положба.

Препознатлива е политичката волја и реформите во доменот на социјалната правда и работничките права во последните три години, но тоа не е доволно. Потребно е вклучување на целото општество: охрабрување на жртвите на кршењето на работничките права да пријавуваат, вистински синдикати чија основна и единствена цел се работничките права, граѓански организации што гласно говорат и медиуми кои не ги кријат фактите.

ЦИВИЛ ги повикува работничките и работниците да пријавуваат кршење на нивните права, мобинг и дискриминација. Најважно е прво тие да се охрабрат и гласно да ги побараат своите права, бидејќи им припаѓаат!

Среќен 1 Мај, стои во соопштението од ЦИВИЛ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот