Цеце и Љупка, ем убавици ем успешни јавачки на коњ: Во денешниот свет мора да си најдобар во тоа што го правиш

Човек кога ќе ги види како галопираат со своите коњи, Чарли и Коломбо, прво што ќе помисли е дека излегле од некоја бајка, принцот пратил коњ по нив да ги доведе во дворецот. Е толку се и двете убави, како да се насликани. Ама сликата ви се разбиструва кога ќе увидите дека се вешти јавачки. Па, ќе заборавите на бајките и принцот.

Нашата најтрофејна мисица Цеце Георгиев со часови по рекреативно јавање започнала пред шест години, а набргу почнала и со тренинзи за прескокнување пречки со коњ. Смета дека позитивната страна во овој спорт е што секој ден секој тренинг е различен, никогаш не е здодевно, а притоа адерналинот е на многу високо ново.

Цеце

Навистина е голем предизвик да се справуваш со животно од 800 килограми кое има свој карактер и емоции. Велат, кога ќе ја добиеш довербата од коњот си добил пријател за цел живот. И навистина е така. Овој спорт е елеганција, паметно расудување, самодоверба, взаемна соработка. Има тренинзи и натпревари кои се навистина разочарувачки, но тоа е само мотивација за повеќе труд и работа. Коњот е тој што го одредува успехот, секако заедно со јавачот, ја започнува Цеце својата јавачка приказна.

Нејзината пријателка, Љупка Аврамовиќ, подеднакво убавица, е исто така успешна во овој спорт и сопственичка е на куп освоени награди.

И двете се мајки. И двете позлатуваат сè што досега професионално фатиле да работат.

Се успева со многу труд, работа и недостиг на време за спиење. Кога само денот би имал малку повеќе од 24 часа, би била поуспешна во секојдневната трка со самата себе, вели Љупка.

Љупка: Дефинитивно станува збор за скап спорт, но не се само финансиските средства, тука се вложува целото слободно време, енергија, сите надежи.
Ниедна од нас не е љубоморна на успехот на другата, напротив, си даваме совети и се бодриме една со друга.

Кои се предностите на јавањето?

Цеце: Предности има многу, пред сè здравствени, физички и психички. Коњот е толку грациозно животно, доволно е само прошетка од 15 минути за целосно ослободување од стрес. Со јавање се зацврстува целата мускулатура и секако мозокот е доста активен, треба многу да се размислува што да се преземе во даден момент бидејќи се работи со живо суштество.

За колку време успеавте да станете успешни јавачки, и кои се вашите најголеми успеси во овој спорт?

Цеце: Јавањето е чуден спорт, колку повеќе тренираш сè повеќе откриваш нови работи. Еден светски познат јавач еднаш изјави: остарев и не научив да јавам! Што значи, нов ден – нов предизвик.

Најголем успех е што го завршуваме тренингот живи и здрави. За успех потребно е добар тренер, добар коњ, добар тим, многу време и финансии. Успешен не се станува преку ноќ, зашто тука нема договор и компромис. Коњот не ги поклонува медалите, мораш да ги заслужиш! Во мојот дом има и златни, и сребрени, и бронзени медали, а има и пехари. И сите ми се подеднакво драги.

Скап ли е спортот? Колку чини еден коњ? Како се работи на зближување и дресура на коњот, како се негува? Колку успехот во јавањето се должи и на изборот на коњот?

 Љупка: Дефинитивно станува збор за скап спорт, но не се само финансиските средства, тука се вложува целото слободно време, енергија, сите надежи. Изборот на коњот секако е важен, но и тоа е живо суштетство, може секогаш да се случи баш тој ден на натпреварот да „не му е денот“ и тоа е тоа, повеќе среќа следниот пат. Коњите се наши партнери во спортот, па се трудиме заедно да го извадиме најдоброто едни од други и да победиме. Но секако, најважно е да сме живи и здрави на крајот на денот.

Во нашата држава е многу ниска свеста за благосостојбата на коњите. Сè уште ги третираат како машини за работа, со нула почит кон нив.

Цеце: Би рекла дека е еден од најскапите спортови, потребна е опрема за јавачот, кацига, чизми, чакшири, тука е и опремата за коњот која воопшто не е ефтина, месечни трошоци за храна и нега на коњот. Зависно од педигрето и спремноста на коњот се одредува и цената, повеќе од илјади евра. Затоа е најдобро секој кој сака да проба и да го почувствува овој спорт, да си уплати месечни часови во коњичкиот клуб „Бравадос“ во Волково. Многу е поефтино од поседување на сопствен коњ.

И двете сте познати и како спасителки на улични кучиња, ама и како спасителки на коњи. За уличните кучиња познат ни е проблемот, но што е со коњите?

Љупка: Во нашата држава е многу ниска свеста за благосостојбата на коњите. Сè уште ги третираат како машини за работа, со нула почит кон нив. И нормално, кога ќе постира некој фотографија со паднат коњ, први реагираме ние и најблиските од клубот. Има и среќни приказни, на пример, белата кобила која прошета на Рекорд, е спасена. Само две недели по породувањето, со бебете отидов по неа, и ја спасив. Со Цеце налетавме на едно коњче кое исплашено трчаше на автопат, па му најдовме дом. Но има и многу тажни и фрустрирачки ситуации во кои со часови сме ги користеле сите можни ресурси и познанства за да успееме да кренеме на нозе некое експлоатирано коњче, кое не успеале да го станат со ќотек, туку го оставиле да испушти душа некаде среде пат, за на крај да ни умре на раце. Ајде барем последните часови од животот некој му пружил љубов, но ни тоа не ми е соодветна утеха. Со следниот проект, откако ќе го направиле новиот клуб, со сигурност ќе направиме и привремен азил за тие сурово експлоатирани коњи.

Има и многу тажни и фрустрирачки ситуации во кои со часови сме ги користеле сите можни ресурси и познанства за да успееме да кренеме на нозе некое експлоатирано коњче, кое не успеале да го станат со ќотек, туку го оставиле да испушти душа некаде среде пат, за на крај да ни умре на раце.

Убавината доаѓа однатре, но и двете сте преубави и „однадвор“. Колку убавината до сега ви ги отворила вратите на успехот?

Цеце: Со Љупка се знаеме долго време благодарение на коњите и досега ништо не го нарушило нашето пријателство, а многумина мислат дека сме сестри. Ниедна од нас не е љубоморна на успехот на другата, напротив, си даваме совети и се бодриме една со друга. Некогаш сум јас подобра од неа, некогаш таа од мене. Од самото запознавање зборувавме дека сакаме во исто време да имаме деца, и така и се случи. Нашите принцези растат заедно, секој ден се со коњите и во природа што сметаме дека е многу подобро отколку да растат затворени дома пред телевизорот или компјутерот.

Надворешната убавина не секогаш е пресудна за успех. Ете, за нашите успеси и убавина ќе оставиме другите да кажуваат.

„Сомнително“ ли е денес, особено во машкиот свет, да се биде ем убав ем паметен, па уште и успешен?

Љупка: Можеби во минатото било сомнително, па успехот се должел на убавината. Во денешниот свет мора да си најдобар во тоа што го правиш, а успехот сам си доаѓа.

Нашите принцези растат заедно, секој ден се со коњите и во природа што сметаме дека е многу подобро отколку да растат затворени дома пред телевизорот или компјутерот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот