Царовска: Околу 85 отсто од компаниите се подготвени да примаат ученици на практична настава

Фото: mia.mk

Кампањата „Учи паметно, работи стручно” на Министерството за образование и наука (МОН) попладнево беше промовирана на регионална средба во Берово на која, покрај домаќините, присуствуваа и градоначалниците и претставници на компании и училишта од Делчево, од Пехчево и од Македонска Каменица.

Целта на консултациите е да се утврди потреба од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта од наредната учебна година, односно да се дизајнираат наставните програми и уписните политики според барањата на пазарот на трудот.

Министерката Мила Царовска по средбата изјави дека очекува од учебната 2021/22 да се отворат повеќе дуални паралелки, посочувајќи дека модуларното средно стручно дава можност за комбинирање на неколку профили во една паралелка. Посочи и дека МОН и натаму ќе обезбедува стипендии за техничките науки за учениците да се стимулираат да се определат за  стручното образование.

За компетентен кадар е клучна соработката меѓу средните стручни училишта и реалниот сектор. Компаниите се подготвени да ги отворат вратите за практична настава на учениците, бидејќи, како што соопшти министерката, 85 отсто од 450 анкетирани низ целата држава одговориле позитивно.

– Учениците добиваат феријална пракса со што одблиску се запознаваат со дејноста и со струката што ја изучуваат, додека компаниите имаат можност да регрутираат кадар, по завршување на средното образование и со тоа да овозможат непречен развој на производството и на усугите, а со тоа да придонесат и за намалување на невработеноста во земјата, истакна Царовска по средбата.

Иницијативата ја поздравија градоначалниците на четирите општини што беа опфатени со консултативната средба. Во општината Берово има три стручни насоки – угостителско-туристичка, дрвопреработувачка и текстило-кожарска. Градоначалникот-домаќин на оваа средба Звонко Пекевски рече дека најголем интерес во изминатите години има за угостотелската струка, каде што се запишани 84 ученици во четири класови.

Тие се веќе на располагање на работодавачите во таа сфера, додаде градоначалникот, со што ќе се постигне и повисоко ниво на тузримот во општината.

Кампањата за предностите на средното стручно образование „Учи паметно, работи стручно”, која МОН ја почна овој месец, денеска беше промовирана и во Кочани, каде што присуствуваа претставници и од општина Виница.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот