Царовска и Деспотовски во посета на компанија корисник на инструментот за кофинансирани грантови за иновации

Во Микротика се вклучени 17 луѓе од кои 10 работат на техничкиот дел, а останатите се во делот за маркетинг и продажба. Во целата компанија Докстим, пак, има 70 вработени.

Вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска и директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) Јован Деспотовски денеска ја посетија скопската ИТ компанија Докстим, која е корисник на средства од Фондот преку инструментот за кофинансирани грантови за иновации, за да се запознаат со начинот на работа на делот од компанијата Микротика кој изработува софтвер што треба да им овозможи на ИТ компаниите полесно да развиваат сопствен софтвер.

Во Микротика се вклучени 17 луѓе од кои 10 работат на техничкиот дел, а останатите се во делот за маркетинг и продажба. Во целата компанија Докстим, пак, има 70 вработени.

– Како Влада се трудиме да вложуваме во што повеќе фирми кои нудат иновативност, а третиот столб од Планот за економски раст токму тоа и го нуди. Денеска сме во една од вкуно 314. компании што се поддржани со третиот столб. Во тие компании се развива ИТ индустријата и се развиваат софтвери кои имаат додадена вредност за економијата и укажуваат дека има голем поврат на инвестицијата што ја вложиле, изјави Царовска по посетата.

Таа посочи дека во 314. компании поддржани од третиот столб се гледа дека иновативност може да се развие во секој од секторите.

– Токму затоа во 27 општини низ нашата држава вложено е во различни сектори и тоа биохемија, автомобилска индустрија, екологија, земјоделство, ИТ индустрија,… и се покажува дека повратот на средства веќе ги дава своите резултати. Денеска дискутиравме со оние кои се сопственици и кои го водат проектот и имаат видувања дека навистина стартувале еден одличен проект кој во текот на годинава  ќе почнат да го продаваат и ќе треба да ги видат првите финансиски резултати за компанијата, рече Царовска и додаде дека тимот има идеи како да го доразвиваат проектот, а имаат и нови идеи кои би биле финасирани преку ФИТР или од другите можности што ги нуди Владата како финансиска поддршка.

Директорот за развој на Докстим, Раде Десподовски посочи дека Микротика се развива една година, а поддршката од ФИТР, нагласи, дојде во вистински момент.

– Кога размислувавме како и кога ќе го формираме нашиот тим поддршката од ФИТР ни даде сигурност дека тоа е тоа што сакаме да го правиме и дека можеме да го изработиме. Една година работиме на изработката на нашиот софтвер кој веќе може да се користи. Годинава за нас ќе биде клучна, бидејќи е моментот кога ние треба да почнеме да го продаваме нашиот софтвер и да го рекламираме. Очкуваме дека тоа ќе биде успешна приказна произлезена од нашата држава, рече Десподовски.

Посочи дека веќе има неколу компании кои го користат нивниот софтвер од кои едната е такси компанија од Швајцарија што има амбиција  да го замени УБЕР, а втората е шведска компанија од областа на индустријата на која Микротика треба да и овозможи процесот на автоматизација да биде многу побрз и  поефикасен.

– Присутни сме на сите пазари и нема граница каде би го продавале овој софтвер. Во Македонија не се наоѓаат лесно софтверски инженери и маркетинг кадри. Ги охрбрувам сите што сакаат да се занимаваат со техонолгија да го направат тој чекор и доколку имаат друга професија, бидејќи тоа е иднината. Не е неопходно да се има формално образование. Факултетот е добар како основа, но има луѓе кои се покажале многу добро иако не завршиле факултет. Нас не ни е примарно некој да има факултети иако ни е битно. Најважно е да се вклопува во нашите планови за работа и да сака да учи, рече Десподовски.

Вицепремиерката Царовска посочи дека тому затоа во оперативните мерки за вработување за 2019 година во втората половина од годината се објавија повици за дигитални вештини, кои, како што рече, не се обуки за примарно знаење за компјутери, туку за потребите на ИТ индустријата за да се направи доквалификување или преквалификување на младите лица за да може директно да влезат во производството.

– Сметам дека тие ќе дадат стимул што повеќе млади лица бесплатно или со мало кофинансирање да добијат обука и да може да се вработат во ИТ индустријата каде има високоплатени работни места. Како Влада сакаме да ги насочиме младите лица кон такви работни места, рече Царовска и додаде дека просечната плата во ИТ секторот во државата е над 800 евра.

Директорот на ФИТР, Деспотовски нагласи дека во проектите што ги финансира Фондот досега се креирани над 1.500 нови работни места со просечна плата од 40.000 денари и посочи дека Докстим е пример на компанија која користи макимален износ на средства од ФИТР. Во неа, прецизира, Фондот вложува околу 320 илјади евра, а целиот износ на проектот е околу 800 илјади евра што значи дека самата компанија вложува повеќе од 400 илјади евра, што, пак, потврдува дека верува во она што го работи.

– Пораката од денешната посета е дека вложуваме во реални проекти со реални луѓе. Анализите кои ги направивме минатата година покажуваат дека компаниите во кои вложуваме и даваме поддршка растат со приходи за 50 проценти во споредба со периодот пред да бидат поддржани, растат со добивка за 60 проценти, растат со број на вработени – 27 проценти и растат со плати за 40 проценти, рече Деспотовски.

Најави дека и понатаму ќе продолжи поддршката во микро, мали и средни компании кои, како што рече, очекува да бидат главни двигатели на растот.

– Вкупното финансиско портфолио на ФИТР во моментов е 55 милиони евра што е 55 пати повеќе од 2017 година. Поддршката продолжува. Во моментов имаме јавни повици во вкупен износ од 7,5 милиони евра меѓу кои и повикот за стартап компании, а за 2020 година со годишната програма планираме дополнителни 15 милиони евра, што значи дека до крајот на годинава државата во приватниот сектор ќе вложи 22,5 милиони евра. Заедно со средствата што ги даваат компаниите зборуваме за инвестициски циклус од минимум 50 милиони евра, рече Деспотовски.

ИТ секторот, додаде, апсорбира околу 50-тина проценти од поддршката од ФИТР како број на поддржани субјекти, а тука некаде е и процентот на финансиска поддршка.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот