Судење Беланоца / Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Членовите на криминалната група „Беланоца/Барон“ која нарачувала мафијашки убиства седнаа на обвинителна клупа

Членовите на криминалната група „Беланоца/Барон“ на чело со лидерот Фатљум Ајети Тоте кои се обвинети дека нарачувале мафијашки убиства зарди одмазда или превласт во подземјето со силно полициско обезбедување беа донесени во Кривичниот суд каде почна судењето против нив.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Апсењата се случија на крајот на минатата година, а во мај обвинителството покрена обвинение против девет припадници на групата кои од 2020 до 2024 година нарачувале убиства од затвор, а некои ги извршувале од ниски побуди, одмазда, борба за превласт и со загрозување на голем дел луѓе. Најстарото убиство е од 2014 година, а најзвучни се убиствата во „Шиша бар“ во скопската чаршија кога беа убиени водачите на спротивставената група „Дуќанџик/Грчеец“, Јетон Кривањева – Жила и Енес Ибраимов и убиството на Орхан Бајрами – Оки исто од „Дуќанџик“ кое се случи во Ханиоти, во соседна Грција.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Обвинението е против девет лица, а плус седум се во бегство и за нив е прекината истрагата. Меѓу обвиненитите и Акиф Равманоски познат како Јусуф Акифи кого претседателката Гордана Сиљановска Давкова го помилува, што предизвика огромни реакции во јавноста и Гани Туша осомничен за убиството на Оки. Дополнително истрагата е проширена за уште четири лица, помагачи на убиство и двајца за ново убиство. Нарачател бил и Мали Репки од Батинци, кој неколку пати бегаше од затвор.

Во предметот „Бункер“ има две подгрупи, од кои едната е обвинета за четири убиства, од кои две двојни.

Втората подгрупа има посебни три убиства, за кои нарачател е лице од затвор. Едно е двојно убиство, за кое двајца се во бегство. Оваа група, како што беше посочено на брифингот, првично се раководи од изнуди и палење на објекти, како начин да се прикаже сериозноста на заканите. Има и палења на возила, кои се нарачани од затвор, а ги извршуваат млади лица од надвор, за мали пари.

Обвинението е против девет лица, а плус седум се во бегство и за нив е прекината истрагата. Дополнително истрагата е проширена за уште четири лица, помагачи на убиство и двајца за ново убиство, за кои Обвинителство претходно веќе информираше.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според Обвинителството, во текот на 2020 година, тројца првообвинети создале организирана криминална група со цел извршување на сериозни кривични дела – пред сè убиства и други насилни дејствија. Организаторите на групата донесувале одлуки и давале конкретни насоки за цели, локации и начин на ликвидација на лица претежно од спротивставената криминална група. Дејствувале со јасна поделба на улоги, а плановите биле спроведувани од други членови – обвинети, починати или недостапни на органите на прогонот, а дел неидентификувани лица.

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Според прибраните докази дел од обвинетите се поврзани со следните убиства извршени по налог и организација на групата:

– Убиство на Ибраим Ајдини во август 2020 година: Првообвинетиот во име на радикалното движење понудил и платил 10.000 евра за убиството, мотивиран од сомнение дека жртвата соработувала со институциите во предметот „Монструм“. Жртвата била застрелана во својот дом, со истрел во главата. Извршителите ги отстраниле доказите и побегнале.

– Убиството на Џелал Ибраими – јануари 2023: Организирано од групата како одмазда за лична навреда кон првообвинетиот. Убиството е извршено во домот на жртвата, со повеќе истрели. Исплатени се 20.000 евра на учесник во нападот.

– Двојно убиство на Јетон Кривањева и Енес Исеинов – март 2023: Извршено како одмазда за претходни убиства. Првообвинетиот обезбедил 250.000 евра и конкретни насоки.

Нападот бил особено суров, извршен во деловен објект, со пукање од непосредна близина. Напаѓачите потоа го запалиле возилото и добиле логистичка поддршка за бегство.

– Убиството на Орхан Бајрами (Оки) – јули 2023: Извршено во Грција, во луксузен ресорт. Жртвата била следена преку легални и илегални премини. Нападот бил извршен од двајца маскирани напаѓачи кои испукале 19 куршуми, нанесувајќи три смртоносни рани на жртвата и тешко ранувајќи друго лице.

Во 2021 година, шестообвинетиот со двајца осомничени формирале нова криминална група, фокусирана на убиства од одмазда и ликвидација на членови од други криминални структури и тоа:

– Убиство на Камер Идризи (Бундес) – мај 2021: Извршено од шестообвинетиот и други лица, со 57 испукани куршуми. Жртвата била цел на одмазда за смртта на роднина на еден од организаторите.

– Убиство на Абдуљ Бастри Ибраимовски – јули 2024: Извршено поради нарушени односи и претходни конфликти. Во нападот биле користени автоматски пушки. Жртвата починала, а другото лице било тешко рането, а подоцна починало.

– Убиство на Ибраим Исмаили Абиц: Извршено во Сингелиќ од првообвинетиот, неговиот брат и осмообвинетиот. Биле испукани 65 куршуми.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот