Чинот на пишување како растајнување на светот на авторката Ирена Павлова Де Одорико

Излегувањето на новата книга „Светец“ на Ирена Павлова Де Одорико, го искористивме за виртуелна средба со авторката, која ни откри повеќе за начинот на кој твори.

Твори и на македонски и на италијански јазик, а живее и работи во Венеција. Нејзината нова книга „Светец“ неодамна излезе од печат, и на некој начин го продолжува делото на Прличев.

Ирена Павлова Де Одорико е поет, прозаист, критичар, преведувач и есеист. Дипломира и магистрира по општа и компаративна книжевност, пишува за повеќе медиуми, а член е и на Друштвото на писатели. Се чини дека есенцијална состојба ѝ е „чистиот дух на творештвото“.

– Прилично точна импресија. За да се дојде до таа есенцијална состојба, состојбата на чистиот дух на творештвото, неопходно е „менувањето на кожата“. Тоа е исклучително деликатен процес, бидејќи се плаќа невидлив данок. Но, вредноста на стигнувањето до таа точка е бесценето, и опасно, истовремено. Како да чекори душата до внатрешен хималајски врв, со сите ризици на искачувањето. А толку е вредно да се ризикува. Од друга страна, есенцијата на авторското патешествие ја следат егзистенцијалните Сцили и Харибди. Но, тие не се ништо, наспроти Хималаите, нели – вели Павлова.

Таа е авторка на „Велзевул“ (1999), „Номад“ (2000), „Новата Ева“ (2001), „Деколте – длабоко“ (2004), „Потстанарка“ (проза, 2005), „Од другата страна на животот“ (2010), „Новиот човек“ (2010), „Пенелопа Нет“ (2012), „Aнтологија на заборавeнитe македонски поeтeси“ (2013), „Жена на залезот“ (2014). Ја прашавме и дали темите долго тлеат во неа или ѝ навираат како космичка експлозија.

– Во нас е сѐ – сите минати, сегашни и идни животи, и сето искуство на светот и на векот. Истовремено, и небесното пространство, и сето она што се случува таму горе. Сите информации се запишани во таа акаша, во тоа биоенергетско поле. Човекот е приемник на космичките вибрации, фреквенции и енергија. Тоа што го прима, доколку е доволно отворен како сензор, го дава, го дарува на Другиот, но истовремено му се заблагодарува на Демиургот, на Создателот, на чудесната можност за восприемање. Токму затоа, сѐ што е конкретен настан, е всушност дел од универзалното, чиј дел сме, или аспект – вели Павлова, откривајќи, дека кога е среде чинот на пишување, таа е во жариштето на една голема тајна.

– Растајнувањето е рационализирање, во прилог на доближувањето до читателот, „заземјувањето“. Растајнувањето е и душевно соголување, во име на одредени суштини. Творештвото е дарба, но и избор. Моите апокрифни поеми ги пресоздаваат познатите ликови од Библијата и од античкиот свет. Лилит, Ева, Пенелопа… Поинаква интерпретација на каноните, на традиционалното поимање, травестирано во еден современ аналитичен код, зачинет со многу иронија, пародија, хумор, прекогнитивност – истакна Павлова.

Креативен процес

Во 2001 година е меѓу десетте финалисти во Европа за наградата „Рома – Тиволи – Европа“, а за бројните награди говори скромно.

– Во западниот свет, компетитивноста ја „билда“ нашата самоувереност, нашиот „успех“ во очите на другите, доколку „се покажете“ како најдобри. Никогаш не сум била апологет на „’рвањето“ помеѓу вредностите, кое произлегува од медиокритетната и традиционална шема за успех. Но најпрвин, треба да дефинираме што е успех, што е вредност и дали е добро, со аперкат во нечиј плексус, да се допатува до некаков измислен трон. Особено,во доменот на творештвото е погубно да се пренесе метрото на вредностите на една олимпијада. Една реч, може да наткрили многу „светски рекорди“. Ова, сега го мислам. Тогаш, наградите ми значеа некакво пронајдено место под сонцето, каде што луѓето околу Вас, ви прават неопходна сенка со сонцебраните, да не бидете „изгорени од сонцето“. Вредноста на зборот не може да се измери со вагата од кујна, се мери со „метрото“ на интуицијата и искуството. Наградите се ретко искрени. Доколку се такви, тогаш на среќата и нема крај. Тоа значи дека квалитетно ве прочитале доделувачите на награди, без предумисла, туку со праведен и чист пристап. Јас сум пресреќна кога под некоја објавена песна дури и на ФБ, ќе прочитам рецензија од особа која е, на пример, економист, но секој збор прецизно, со филигранско мајсторство, ја погодува метата на сензибилитетот на писмото – смета Павлова.

Вредноста на зборот не може да се измери со вагата од кујна, се мери со „метрото“ на интуицијата и искуството

Меѓу Венеција и Велес

Магичниот град Венеција, каде го среќава и својот сопруг, ја нарекува „чудесен бисер“, но и родниот Велес ѝ е инспирација за творештво.

– Водам дневник за Венеција, во сите различни фази од мојот живот. И, секогаш е различна. И јас, со неа. Мојата поема „Пенелопа во Венеција“, напишана пред неколку години, е посветена на Венеција и на Џакомо Казанова, чудесниот вљубеник во убавината на жената, но истовремено, филозофот со завидна ерудиција. Малку е занемарен, заради неговиот отворен дух, нема дури ни свој споменик. Споменатата книга е македонски споменик во негова чест. Малкумина знаат дека овој умен човек, кој ги љубел и воспевал жените, речиси живеел како бездомник, со постојани промени на адресите на живеење. Во Венеција, многумина поети жалат што не се родиле, но побарале да бидат барем таму погребани. И еросот и танатосот се раскошни во Венеција – вели Павлова, додавајќи:

– Не мислев дека во туѓина (чуждина), каде живеам веќе седум години, ќе ми се проткае тантела на копнеж низ срцето. Копнеж кон дедовината во Велес. Куќа близу рациновата. Не помислував дека „орелските крилја“ на Миладинов толку многу пати ќе посакувам да ги „метнам“ за да „полетам“ кон исконот, коренот и генот. Зурли и тапани од свадби ми одекнуваат во ушите, староградски песни што ги пеела мојата баба Костадинка. Поезија што ми ја рецитираше мојата баба Пандора. Таа ми го отвораше ковчежето на духовното македонско наследство. Можеби оттаму, инаугурирам поинаква интерпретација, како на митовите, така и на легендите. Венеција може да биде светилник и за староседелците и за дојденците, но мојот хабитус го градев на македонското гумно, сите вкусови, бои, мириси на искуствата на најважните фази од животот се одигруваа на таа сцена на животот. Токму затоа, продолжувам да пишувам и да објавувам секоја година книги на мојот јазик. Зашто, тогаш имам чувство дека никогаш не сум заминала од мојата земја, живеејќи во мојот јазик.

Најновата книга „Светец“ на Ирена Павлова Де Одорико говори за еден откорнатик, кој не знае дека е светец

– Оттаму, најновата книга „Светец“, која говори за еден откорнатик, кој не знае дека е светец. Го шета целиот свет, ги гледа сите доблести и мали на луѓето, за да се врати во своето гнездо, небитно дали како голтар или имотен лик. За да го спознае својот внатрешен свет и светот кој му е зададен каде што се раѓа, тој го обиколува светот, побогат за многу искуства – открива Павлова, и заклучува: „Заради некаква географско-книжевна хармонија, го објавив и романот ’Потстанарка‘ на италијански јазик. Човекот, конечно е потстанар секаде, зар не!“

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 129, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 21-22 мај 2022)

Видео на денот