Четвртото издание на „Котон блуз фестивал“ ќе се одржи на 24 и 25 мај во МКЦ

Специјалниот гостин од Чикаго, Мад Морганфилд, најстар син на еден од најславните блуз имиња на сите времиња, Мади Вотерс, ја предводи листата на учесници на годинашното 4. издание на „Котон блуз фестивал“. Фестивалот ќе се одржи на 24 и на 25 мај во Младинскиот културен центар. Билетите можат да се купат преку сајтот на МКЦ.

Фестивалот ќе го отвори маестралниот гитарист Мухамед Ибрахими на 24 мај, во 20 часот. Станува збор за тешко дефиниран музички феномен, барем според постоечките музички норми, бидејќи кај него има многу домашен блуз со подмножества од џез, ворлд, етно.

Истата вечер ќе настапат „Троја бенд“, чиј специјален гостин на вечерта ќе им биде македонски гитарист Игор Атанасоски, попознат како Гуру Харе.

Првата фестивалска вечер ќе кулминира со настапот на данското трио „Трејнмен блуз“, добитници на повеќе европски блуз-награди и познати по тоа што имаат современ пристап со соул зачин на изведба на блуз музиката.

Ади Имери, гитарист и мултиинструменталист, ќе ја отвори втората вечер на 25 мај во 20 часот. Тој ќе настапи со соло-перформанс инспиририран од американската госпел песна популаризирана од Блајнд Вили Џонсон (Blind Willie Johnson), кој го посветил животот на свирење госпел и блуз музика.

Фестивалот ќе го затвори специјалниот гостин од Чикаго, Мад Морганфилд, со енергичен чикашки блуз звук, кој ќе биде спој од неговиот авторски материјал со песни на неговиот култен татко Мади Вотерс.

Бендот што ќе го придружува се локалните музичари: Никола Петровски (гитара), Сашо Ѓорѓевски (усна хармоника), Оливер Јосифовски (бас), Горан Попоски (тапани) и Филип Димишковски (клавијатури).

Македонскиот ликовен и музички уметник Игор Станоевски заедно со уметниците Трајче Павлов, Боро Арсовски и Драган Милованов формираше ликовна колонија во склоп на „Котон блуз фестивал“. За време на концертите, паралелно ќе има и ликовно творештво по што ќе следи и изложба на делата.

Исто така, еден од најпознатите мајстори за рачна изработка на акустични и електрични гитари, Јани Павеза, ќе биде дел од „Котон блуз фестивал 2023“. Претставување на гитарите „Павеза“ и предавање за нивната изработка ќе се одржи на 24 мај, во 13 часот, во Горно фоаје во МКЦ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот