Четиригодишното девојче донесено на Детска Клиника тежело само 8 килограми

Фото: МИА

Состојбата на четиригодишното девојче кое што беше донесено од Струмица на Детската клиника во Скопје напредува кон подобро, потврди за „Слободен печат“ директорката на Клиниката, доктор Валентина Цвејоска Чолаковска. Таа вели дека кога било донесено во болницата, девојчето тежело само 8 килограми, а сега има десет.

– Девојчето беше донесено значајно потхрането и хигиенски запоставено. Кога дојде имаше 8 килограми, сега има 10. Имаше рани по телото кои се сега хируршки обработени. Во тој дел состојбата ѝе подобрена и прима антибиотска терапија, рече директорката Цвејоска Чолаковска за „Слободен печат“.

Таа додава дека девојчето веќе комуницира, го кажува своето име и одговара на прашањата, на пример дали е гладна.

Кога на 17 јануари од болницата во Струмица со возило на итната медицинска помош во придружба на лекар девојчето беше донесено на Детската клиника, тоа имаше гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата. На нејзиното тело имало бројни рани, за кои мајката тврдела дека се од каснување од куче. Но, истражните органи проверуваат дали ова е вистина, а случајот го води Јавното обвинителство Струмица.

Семејството немало лични документи. Министерството за труд и социјална политика најави дека децата од семејството ќе бидат сместени во згрижувачко семејство додека мајката учи родителски вештини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот