Честитки од државниот врв, политичарите и партиите по повод Денот на Републиката
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, упати честитка до граѓаните со порака дека Илинден од 1903-та и асномскиот од 1944. се сржта на македонската историја, срцето на македонската Република, душата на македонската државност.
Препорачано
-Илинден е сржта на македонската историја, Илинден е срцето на македонската република, Илинден е душата на македонската државност, Илинден е тежок и прекрасен ден, ден на неизмерна тага и радост, но и ден на болка и гордост! 2 Август е денот на двата Илиндена: Крушевскиот којшто ја роди идејата за Републиката и асномскиот којшто ја оживотвори. Првиот беше искра, вториот пламен, првиот беше ослободителен крик и херојска епопеја, вториот беше државна конституција по победа, вели Сиљановска-Давкова.
Првиот, се додава во честитката, посеа републиканско семе, вториот ја собра жетвата на Народноослободителната борба.
-Илинден е приказна што тече, се пишува и допишува со крв и солзи, порази и победи. Илинден нѐ учи дека Републиката не се наследува, туку се изборува и се заслужува. Илинден нѐ обврзува да направиме од државата пристојно место за живеење за сите, место од кое нема да се бега, туку во кое ќе се доаѓа. Илинден е пример за обединување заради заедничка цел и општо добро. Илинден е ден на тивка заклетва пред Никола, Питу, Даме, Гоце… и пред мноштвото знајни и незнајни борци, дека она што го сториле за нас, несебично вградувајќи се во темелите на македонската државност, никогаш нема да го заборавиме и засрамиме. Драги потомци на славните илинденци, наследници на нивната визија, храброст и неизмерна љубов кон татковината, од срце ви го честитам Илинден, празникот над празниците. Нека е вековита македонската република! Нека ни е вечен Илинден!, порача во честитката претседателката Сиљановска-Давкова.
Претседателот на Собранието Африм Гаши, во име на пратениците и Собранието на Република Северна Македонија, упати најискрени честитки по повод 2 Август – Денот на Републиката.
-Овој ден е симбол на историската борба за слободно, еднакво и демократско општество, вредности што денес претставуваат темел на нашето заедништво и на институциите на државата. Оваа дата не е само дел од историјата на државата, туку и обврска да ја зачуваме и понатаму да ја унапредуваме визијата за современа држава насочена кон мир, напредок и евроатлантска интеграција. Нека овој ден биде поттик за размислување за заедничкиот пат што го изградивме како држава и како општество, како и за понатамошно охрабрување на меѓусебното разбирање, соработка и посветеност кон доброто на татковината, без разлика на етничките, верските или политичките разлики, стои во честитката од претседателот на Собранието Африм Гаши.
Премиерот Христијан Мицкоски преку Фејсбук на македонските граѓани им го честиташе Денот на Република:
-Илинден е темелот врз кој се изгради современата македонска државност. Илинден е вистината за Македонија која живее. Тоа не е само историја – тоа е жив идентитет, потсетник на стремежот за слобода, правда и сопствена држава. На овој ден се сеќаваме на храброста и жртвата на оние кои ја започнаа нашата борба за самостојност и достоинство. Тој стремеж денес е остварен, но не и завршен. Затоа, Илинден не е само повод за чествување, туку и за одговорност. Одговорност што ја имаме како народ и граѓани, но особено како институции, да го продолжиме патот започнат во Крушево и потврден во АСНОМ, со работа, чесност и грижа за иднината, порача Мицкоски.
Тој нагласи дека Владата ќе продолжи да работи посветено и одговорно и да испорачува резултати за да ја оправда довербата од граѓаните.
-Како Влада, свесни сме дека довербата на граѓаните е обврска што се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности – праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции што ќе бидат на страната на граѓаните. Оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро. И ќе покаже! Илинден нè обединува околу идејата за држава што ги надминува поделбите. Да извлечеме сила од историјата и да ја претвориме во иднина. Да ја продолжиме борбата, но со знаење, визија и одговорност, нагласи премиерот во објавата на Фејсбук.
И заменик-претседателот на Владата и министер за односи меѓу заедници, Иван Стоилковиќ упати честитка по повод 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, како што посочи, еден од најдлабоко врежаните датуми во историската и колективна меморија на македонскиот народ и држава.
-Честувајќи го Илинден, денот кој нè обединува и инспирира, оддаваме почит на историските подвизи и вредносните темели врз кои се изгради идејата за слобода, правичност и заедништво. Денешниот Илинден нѐ потсетува на одговорноста која ја носиме – да ја чуваме и унапредуваме Републиката, да ги негуваме вредностите на единство, солидарност и разбирање, и да работиме за иднина во која секој граѓанин ќе се чувствува достоинствено и еднакво. Нека е честит 2 август, Илинден – Денот на Републиката! Нека неговата порака за единство, достоинство и визија за подобро утре биде наша водилка, стои во честитката од вицепремиерот Стоилковиќ.
Заменик претседателот на Владата задолжен за политички систем и претседател на Социјалистичката партија на Македонија, Љупчо Димовски, упати честитка по повод 2 Август Денот на Републиката – Илинден.
-Илинден е најголемиот македонски национален празник со посебно значење во памтењето на македонскиот народ. 2-ри август 1903 година и Илинденското востание и 1944 година со оддржувањето на Првото заседание на АСНОМ. Затоа овој празник е длабокиот белег на сето она за што сме чезнееле, она што го имаме и го живееме денес, но и она што го посакуваме за во иднина. Илинден, е трајниот белег на историската борба на македонскиот народ за национална слобода и стремежот за самостојна македонска држава. Илинден е денот кога силно ја изразуваме големата благодарност кон сите македонски херои кои со својата пожртвуваност се вградени во нашето денес да живееме во современа, независна и меѓународно призната држава, се наведува во честитката.
Споменувањето на овие херои, се посочува, е поттик да продложиме во мир и во заедништво да ја градиме државата во духот на демократијата и европските вредности.
-Ние, современите македонски социјалисти длабоко им се поклонуваме на нашите претходници великани, македонските херои, илинденците и борците од Народно ослободителната борба и револуција, и на нивните жртви кои се темелот на македонската државност. Нивното дело е силен мотив за нови достигнувања, крупни промени во македонското општество и развој на Македонија на секое поле. Тоа е основата за градење на нашето единство и сплотеност како дел од борбата за Македонија која ја водиме и денес. Наметната и неразумна борба за сочувување на македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и нашето национално достоинство. Борба во која повторно ќе излеземе победници над истите оние од нас различните кои секогаш бивале поразени. Нека ни е честита 122 годишнината од единственото и само македонско Илинденско востание и 81 годишнината на АСНОМ! Честит да ни е светлиот и свет Илинден! Честит да ни е Денот на Републиката!, стои во честитката од вицепремиерот Димовски.
Министерот за јавна администрација Горан Минчев во име на Министерството и во негово лично име, упати честитка по повод 2 Август – Илинден, Денот на Републиката.
-Овој ден е симбол на нашата државност, гордост и непокор, ден кога се поклонуваме пред храброста на нашите предци, кои во Крушево и на АСНОМ ги поставија темелите на современата македонска држава, слободна, суверена и демократска. Илинден не е само историја. Тоа е постојана обврска за сите нас, особено за оние што сме избрани да служиме на граѓаните. Обврска да градиме институции што ќе бидат праведни, ефикасни и достапни. Обврска да ја продолжиме борбата за еднаквост, слобода и достоинство – секој ден, во секоја постапка, во секоја одлука, се наведува во честитката.
Како Министерство за јавна администрација, се додава во честитката од Минчев, цврсто стоиме на патот на реформите што ќе ја направат нашата администрација поевропска, потранспарентна и почесна.
-Напорно работиме за администрација која ќе биде сервис на граѓаните и за институции што ќе ја штитат правдата, а не интересите на поединците. Илинден е и потсетник дека промените не доаѓаат сами по себе. Тие бараат храброст, визија и заедништво. Токму тие вредности треба да нè водат и денес, додека ја обликуваме Македонија како земја што ќе ги задржи младите, ќе ги врати иселените и ќе ги обедини сите нејзини граѓани под заеднички идеали. Нека е честит Денот на Републиката!, стои во честитката од министерот Горан Минчев.
Честитка по повод Денот на Републиката упати и партијата ВМРО-ДПМНЕ:
-Илинден е и Крушевската Републикa, замислена како дом на сите луѓе, без разлика на вера и народност. Илинден е и АСНОМ, темелот на современата македонска држава, каде што повторно се повтори истиот идеал: Слободна Македонија, за македонскиот народ и за сите нејзини граѓани. Денес, на нас е да ја чуваме слободата, да ја унапредуваме демократијата, да ја развиваме државата. И тоа во услови кога има многу предизвици, негаторски политики и разлилни пропаганди. Илинден е и ден на обединување.Тоа е ден кога сите треба да се поклониме пред минатото и да се заветиме за иднината. Нашата мисија е јасна, Македонија мора да победи. Да ја вратиме правдата, да го зачуваме идентитетот, да ја изградиме државата која ќе биде дом на достоинството и просперитетот. Илинден е најголемата вистина која живее, епопејата на народот за слобода и своја држава, порача владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Филипче: Вистински патриотизам е само унапредување на нашата држава
Партијата ДОМ испрати видео честитка по повод Илинден:


