Чешка ќе објави доверлив документ од скандалот со протераните руски агенти

epa09143423 People gather to protest in front of Russian embassy in Prague, Czech Republic, 18 April 2021. The Czech Republic allege that members of the Russian intelligence services were involved in an ammunition depot explosion in Vrbetice in 2014, Prime Minister Andrej Babis said during a press conference on 17 April 2021. Acting Czech Foreign Minister Jan Hamacek said 18 diplomats would be expelled from the Russian embassy in Prague and ordered to leave within 48 hours, after they were identified as members of the Russian secret services GRU and SVR. EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

Чешката влада ќе ја отстрани ознаката строго доверливо и утре ќе го објави извештајот на чешката служба за безбедност БИС и доказите за основано сомнение дека агенти на руската служба ГРУ учествувале во експлозиите во магацините со муниција во Врбјетица во 2014 година, за што чешките власти протераа 18 дипломати од руската амбасада во Прага.

“Документот ќе се разгледува од владата во понеделник затоа што другите министри не го видоа. Владата ќе ја отстрани назнаката доверливо, за јавноста да може самата да ја креира сликата”, рече денеска чешкиот премиер Андреј Бабиш.

Нови докази дека двајца агенти на ГРУ, веќе осомничени за обид за труење на поранешниот руски агент Сергеј Скрипал во 2018 година во Велика Британија, биле вклучени во експлозиите на магацините муниција пред седум години во кои две лица го загубија животот, ќе биде тема на состанокот на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ во понеделник, потврди портпаролот на Европската комисија, Питер Стано.

Чешкиот вицепремиер и министер за внатрешни работи и привремено министер за надворешни работи, Јан Хамачек, денес за чешкиот јавен телевизиски сервис ЧТ изјавија дека чешката истрага за двете експлозии во Врбјетице во октомври и декември 2014 година знаела за двајцата Руси од самиот почеток и ги барала но дека се агенти на ГРУ се покажало неколку години подоцна со аферата околу обидот за труење на Скрипал во Солсбери.

Во моментот кога чешкиот премиер Андреј Бабиш синоќа ја објави одлуката за протерување на 18 руски дипломати, чешката полиција објави фотографии од тие двајца руски државјани со имиња од лажните пасоши на Русија, Молдавија и Таџикистан користени во Чешка во 2014 година и ги праша граѓаните дали имаат информации за нивното тогашно движење и престој во Врбјетице.

Премиерот Андреј Бабиш и министерот Јан Хамачек/ Фото: EPA-EFE/MARTIN DIVISEK

“Доказите за вмешаност на Русија се доволни. Не би користел големи зборови. Се случи да бидат убиени двајца чешки државјани и да не шпекулирам за планови или цели. Нанесена е огромна материјална штета и велиме дека зад тоа стојат двајца офицери на ГРУ”, ги отфрли Хамачек гласините дека станува збор за државен руски тероризам или директна руска агресија врз Чешка.

Хамачек исто така рече дека истрагата во Чешка за експлозиите во Врбјетице покажала дека муницијата требало да експлодира по нејзиното напуштањето на чешката територија, веројатно во Бугарија, бидејќи експлозиите избувнаа во магацин каде што беше оружјето за бугарскиот трговец Емилијан Гебрев, кој ја снабдуваше со оружје Украина.

„Може да се каже дека при првата експлозија на 16 октомври се случи нешто што не беше планирано“, рече Хамачек.

Според Хамачек, Чешка е подготвена Русија да преземе реципрочни мерки и да ги протера чешките дипломати од Москва, и само доколку Москва одлучи да го протера чешкиот амбасадор, официјална Прага ќе преземе некои понатамошни чекори.

“Протерувањето на 18 руски дипломати е чекор без преседан. Ние ги протеравме сите што можеа да ја докажат својата поврзаност со руските тајни служби. Тоа е таков удар што резиденцијата нема да се опорави подолго време”, рече Хамачек.

Скандалот со руски агенти и протерувањето на дипломатите опасно ги разниша и онака лошите односи меѓу Прага и Москва, а синоќа група од седум лица го испрскаа со кечап ѕидот на руската амбасада во Прага како симбол на крвта на двете лица убиени во експлозијата, додека денеска попладне стотина лица и покрај пандемијата и локдаунот дојдоа на протест пред амбасадата.

Со пораките „За огномет се плаќа“, „Земан е предавник“ или „Рацете подалеку од Чешка“ на транспаренти, демонстрантите скандираа „срамота“, и ги повикаа руските дипломати да се вратат дома и им се заблагодарија на чешките разузнавачки служби, а полицијата уапси еден од демонстрантите.

Денес, руското Министерство за надворешни работи официјално ги отфрли сите сомневања дека руските разузнавачи можат да бидат вклучени во експлозијата на муниција пред седум години во Чешка и ја обвинија Чешка за провокација под американско влијание.

Чешкиот вицепремиер Хамачек изјави денеска дека ќе побара во понеделник изрази на солидарност од другите членки на ЕУ и очекува дека, како и во случајот со обидот за труење на Скрипал во Велика Британија во 2018 година, таа солидарност да биде изразена со протерување на руски дипломати.

Извор: Бета

НАТО поддржува истрага за руските активности во Чешка

Чешка протера 18 руски дипломати, обвинети се дека работеле за специјални служби

Чешка протера 18 руски дипломати, обвинети се дека работеле за специјални служби

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот