Фото: Општина Центар

Центарските градинки од утре стануваат најскапи во Скопје, цената се зголемува за 47,6 отсто

Од градинките денеска до родителите испратиле известување дека од утре наместо 1490 денари месечно за градинка ќе се плаќа по 2200 денари. Оние кои не прифаќаат ќе треба да ги отпишат децата од градинка.

Родителите на децата кои се згрижени во општинските градинки во  Центар од утре ќе плаќаат повисока цена за 47,6 отсто за месечен престој. Поточно цената се зголемува за 710 денари, па наместо досегашните 1.490 денари од први мај ќе издвојуваат по 2200 денари за месец.

Ваква одлука донесе Советот на Општина Центар на минатата седница, на која против гласаа советниците од Левица. Тие сметаа дека е несомнено дека парите што се одвојуваат за градинка треба да бидат поголеми, но дека тоа не треба да паѓа на товар на родителите. Како што беше посочено, можеби 2200 денари за некого не е многу, но ако родителите имаат две дечиња во градинка, сумата е двојна, што претставува товар во ситуација кога просечните плати не се многу високи.

Од градинките пак, денеска до родителите испратиле известување дека од утре се зголемува цената. Оние кои не прифаќаат ќе треба да ги отпишат децата од градинка.

Во врска со оваа промена, ќе биде изготвен анекс на договорот за користење на услугите, кој сите родители ќе треба да го потпишат во рок од 30 дена од денот на неговото објавување, во спротивно имаат право да достават изјава за раскин на постоечкиот Договор, односно да го отпишат своето дете доколку го имаат подмирено долгот кон градинката и тоа најдоцна во рок од 15 дена – се вели меѓу другото во известувањето до родителите.

Во некои од скопските општини веќе е зголемена цената на градинките, па наместо 1.490 денари тие плаќаат 2000.

Се зголемува цената во градинките во Карпош, наместо 1490 ќе се плаќа 2000 денари месечно

Во Општина Карпош ваква одлука се донесе пред повеќе од една година. Како што тогаш објаснија од општинатa, предлогот за зголемување на цената за 500 денари бил инициран од директорките на детските градинки во оваа општина кои веќе подолго време алармирале дека со галопирачкиот пораст на трошоците на прехранбените производи опаднат e и квалитетот на исхрана во градинките што влијае на развојот на дечињата.

На почетокот на годинава се зголемија и цените во претшколските установи во општина Ѓорче Петров на 2.000 денари.

На седницата на Советот на Општина Центар беше поставено токму вакво прашање – зошто во други општини родителите за девата во градинка плаќаат по 2.000 денари, асамо  во центарските градинки ќе плаќаат 2.200?

Според објаснувањето на една од советничките од СДСМ, Деа Цамовиќ, тоа било така затоа што условите на градинките во Центар не можеле да се споредат со условите во градинките во другите општини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот