Фото: Општина Центар

Центарци предлагаа проекти за буџетот во 2025, бараат и ново училиште во Дебар Маало

Реконструкција на улицата „50 Дивизија“ и изградба на градинка на истата улица, ново основно училиште во населбата Дебар Маало 2 кај салата „Партизан“, целосна реконструкција на паркингот кај Дом на градежници, воведување униформи за учениците и многу други проекти предложија граѓаните од општина Центар, кои присуствуваа на првата форумска сесија со која започна процесот на планирање на буџетот за 2025 година.

На сесијата учествуваше и градоначалникот Горан Герасимовски, раководителите на сите сектори на општинската администрација, советниците од Советот на општината, како и претставници на невладини организации и жителите на општината. Градоначалникот пред граѓаните ги претстави и амбициозните проекти за наредната година- реконструкција на  салата Работнички, на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, и изградба на нова општинска зграда.

Сакам да најавам голем проект кој го планиравме и кој беше дел од нашите ветувања – изградба на нова зграда на Општината. Убеден сум дека ќе успееме да најдеме време и финансии за да го отпочнеме овој значаен проект. Пред неколку недели заврши и конкурсот за идејно решение. Верувам дека со заеднички сили ќе успееме наредната година да ја отпочнеме ветената општинска зграда“, истакна Герасимовски.

На форумот граѓаните активно се вклучија во дискусијата, изнесувајќи предлози и барања, а потоа имаа можност да разговараат директно со претставниците од секторите за можните решенија. Нивните предлози се однесуваат на воведување униформи за учениците, создавање единствена комуникациска е-платформа за училиштата во општината, општинскиот Црвен Крст Центар иницираше хуманитарни паркинзи, каде средствата собрани од паркирањето ќе бидат наменети за хумани цели, предложен е и посилен надзор врз детските игралишта, воведување мерачи за бучавата и комунална полиција.

Во делот на инфраструктурните проекти со општинската администрација граѓаните предложија реконструкција на улицата „50 Дивизија“ и изградба на градинка на истата улица, ново основно училиште во населбата Дебар Маало 2 кај салата Партизан, целосна реконструкција на паркингот кај Дом на градежници, реновирање на патеката од ул. „Даме Груев“ до Палома Бјанка со замена на разнишаните плочки и нестабилните шахти, обезбедување безбедни коридори до училиштата и градинките со фокус на тротоарите без пристапност, замена на опремата во детските игралишта во Општина Центар, поплочување на улиците на Кале, како и подобрена пристапност за лицата со попреченост.

До крајот на годината ќе се одржи уште една финална граѓанска буџетска сесија, а во меѓувреме, како што објаснуваат од Општина Центар, предложените идеи и иницијативи ќе бидат разгледани и анализирани. Целта на овие форуми е да се обезбеди учество на граѓаните во планирањето и реализацијата на буџетот за 2025 година, преку креирање приоритети на транспарентен начин.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот